Во пикот на кавгата паѓаат најдобрите навреди. А кога ривалите се вака големи фаци како овие во продолжение, се знае дека ќе следат софистицирани удари, ама под појас. Следуваат дел од најдобрите навреди и камбек-ови во историјата.
Винстон Черчил
Итриот и почитуван британски премиер Винстон Черчил води на листата со неговиот вербален контра-удар во една од закачките со Лејди Астор. Дамата секогаш го прекорувала Черчил за неговата зависност од цигари и алкохол, а премиерот ретко ги премолчувал ваквите напади. Во една таква ситуација, Астор му рекла: „Да ми бевте сопруг, ќе ви ставев отров во чајот“. На тоа Черчил одговорил: „Мадам, да ми бевте жена, со задоволство ќе го испиев“.
Ганди
Неговото инсистирање на ненасилство не значи дека Ганди не знаел да „убие“ со своите вербални напади. Така, при една посета на Лондон, еден новинар го прашал: „Што мислите за западната цивилизација?“ Ганди смирено одговорил: „Мислам дека е добра идеја“.
Линколн
За време на една дебата, не баш симпатичниот Абрахам Линколн бил обвинет дека е дволичен. Одговорот на Линколн бил повеќе шега на своја сметка отколку навреда, но сеедно, подеднакво ефикасен: „Да имав две лица, мислите ли дека ќе го носев ова?“
Бејб Рут
Во 1920-тите, бејзбол легендата на „Јенките“ – Бејб Рут, имал претерано добра серија, па стигнал и до плата од 80.000 долари. Но, во раните 1930-ти, кога финансиската криза го достигнала пикот, официјалните лица на „Јенките“ побарале да му ја намалат платата за 5.000 долари – но Рут не дозволил. Малку подоцна на една прес-конференција, еден зајадлив новинар искоментирал дека Рут има повисока плата од тогашниот претседател. На тоа играчот одговорил: „Можеби, но јас имав далеку поуспешна година од него“.
Џон Вилкс
Во еден вербален спаринг меч од 18-тиот век помеѓу политичките ривали Џон Монтаг и Џон Вилкс, Монтаг му рекол на својот противник: „Жими душава, Вилкс, не знам дали ќе умреш на бесилка, или од сифилис“. На тоа, Вилкс одговорил: „Тоа зависи, мој лорде, од тоа дали ќе ги прегрнам вашите принципи или вашата љубовница“.