Венко Филипче е новиот лидер на СДСМ, избран е со 9 052 гласа

„Многумина сакаа да го видат СДСМ клекнат и поразен. Се надеваа дека партијата нема да опстане и се ситеа на изборниот пораз. Ветувам дека ќе го вратиме достоинството на партијата, а на оние што се надеваат на лоша иднина им порачувам дека длабоко ќе се разочараат. Ветувам дека ќе бидеме силна опозиција и ќе се бориме со сите сили да ги спречиме лошите политики на власта и ќе бидеме коректив во општеството. СДСМ бил и ќе биде гласот на разумот, секогаш кога граѓанската волја ќе биде погазена или се прават штети на државата“, рече новиот лидер на СДСМ

Венко Филипче е новиот претседател на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), соопшти вечерва на прес-конференција претседателката на Централната изборна комисија Викторија Аврамовска-Мадиќ и додаде дека тој е избран во фер и демократска процедура на внатрепартиски избори.

Фото: Принтскрин

„По завршувањето на гласањето во 20 часот во 77 избирачки места, пристигнаа прелиминарните резултати кои се 95 отсто обработени. Од нив, Венко Филипче има 9 052 гласа, Александар Бајдевски 905 гласа, Јован Деспотовски 2 705 и Славјанка Петровска 190 гласа. Неважечки се 174 ливчиња. Конечните резултати ќе ги објавиме во рок од 48 часа откако ќе помине рокот за приговори и жалби“,

рече таа.

Веднаш по нејзиното обраќање, Филипче се обрати од говорницата во партиското седиште. Според него, со овие избори СДСМ докажа дека има демократски капацитет и високо ниво на професионализам.

„Ценам дека е спроведен беспрекорен изборен ден и целосно легитимен изборен процес. Сакам да има честитам и на моите сопартијци кои беа дел од оваа изборна трка. Драго ми е што имавме конкурентни избори со повеќе кандидати. Од оваа кампања верувам дека сите научивме по нешто и сечиј придонес беше важен. СДСМ уште еднаш го демонстрираше својот демократски капацитет, кој како иден претседател ќе го негувам и унапредувам“,

рече тој.

Им се заблагодари на сите активисти, членови и на сите што биле вклучени во оваа кампања и, како што рече, верувале во него. Она што може да го вети, рече Филипче, е дека ќе направи сè за да не ја изневери нивната доверба и да работи онака како што се обврзал.

„Оваа победа за мене претставува огромна одговорност кон вас членовите на СДСМ, кон сите граѓани и кон нашата држава. вечерва во СДСМ победија професионализмот, емпатијата, грижата за луѓето, како мои основни вредности по кои ќе работи и функционира СДСМ. Моја цел е да ги вбризгам во СДСМ принципите кои ме водат во мојот личен и професионален живот. Принципите на заедништво, другарство, заемна почит и отворена комуникација со оние што ќе ја одликуваат СДСМ во моето раководство“,

вели Филипче.

Според него, сега е време за обнова на СДСМ и многу работа, но, како што рече, нема време за славење.

„Следува период на реорганизација и реформа согласно моите програмски ветувања со кои сум сигурен СДСМ повторно ќе победува. Ова нема да биде ниту брзо ниту лесно. Но, јас знам дека нема друг начин да ја вратиме довербата кај членовите освен да направиме вистински темелни промени. Промените не можеме да ги лажираме ниту да бидат половични. Граѓаните и нашите членови тоа ќе го препознаат, а така нема да ја вратат довербата. Промените мора да бидат вистински, искрени и истрајни, за да можеме полека, но сигурно да ги освојуваме срцата на граѓаните. Ако успееме во ова, верувам дека СДСМ ќе се врати посилен и ќе продолжи да биде мотор во општествениот напредок“,

рече новиот лидер на партијата.

Рече дека сака заедништвото како вечерашното да ги краси и во следните години, а им порача на сопартијците дека е време да се остават личните интереси и додаде дека треба да се залагаат и да носат одлуки за општо добро.

„Многумина сакаа да го видат СДСМ клекнат и поразен. Се надеваа дека партијата нема да опстане и се ситеа на изборниот пораз. Ветувам дека ќе го вратиме достоинството на партијата, а на оние што се надеваат на лоша иднина им порачувам дека длабоко ќе се разочараат. Ветувам дека ќе бидеме силна опозиција и ќе се бориме со сите сили да ги спречиме лошите политики на власта и ќе бидеме коректив во општеството. СДСМ бил и ќе биде гласот на разумот, секогаш кога граѓанската волја ќе биде погазена или се прават штети на државата. СДСМ секогаш ја одбирала страната на напредокот, на демократијата, на државноста и на европските вредности. Мора да се бориме граѓаните тоа да го препознаат во нас бидејќи тоа ќе значи победа за СДСМ“,

рече Филипче.

За пристигнатите приговори за текот на изборниот ден, Аврамовска-Мадиќ претходно рече дека немаат никакво влијание на целиот процес.

Во трката за нов лидер на СДСМ, покрај Филипче, беа и директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.

Актуелната пратеничка и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска вчера ја повлече кандидатурата и порача дека изборниот процес бил нефер, односно дека, како што рече, еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и со тоа, додаде, ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата.

Филипче беше министер за здравство во владата на Зоран Заев од декември 2017 до јануари 2022 година.

- Реклама -