Пишува: Венко Андоновски
Постои една руска парабола за еден човек што целиот живот се подготвувал да влезе во студената вода на реката со санти мраз, и да ја преплива. Целта му била да направи подвиг, да стигне до другиот брег. Реката, со извор во Сибир, била толку студена што многумина посилни од него не успеале да ја препливаат. Но, овој човек решил со темелни подготовки да го стори подвигот, и затоа, секој ден доаѓал на брегот, се соблекувал гол како од мајка роден, и потоа тренирал издржливост на минусни руски температури. Секојдневно си ја мерел телесната температура по пет минути стоење и очекувал дека со тренинзите, температурата на телото нема веќе да опаѓа, туку ќе се одржува на 37 степени, без разлика што е гол. Потоа правел телесни вежби за загревање, а понекогаш загазувал и во водата, но само до глуждовите. Сфаќајќи дека сè уште не е подготвен, се враќал назад. И секој ден повторно доаѓал во исто време. Траењето на „тренингот“ сè повеќе се зголемувало, така што човекот сè повеќе часови поминувал на брегот. Потоа почнал да доаѓа и претпладне и попладне, што резултирало со отказ од работното место.
Семејството се запустило, децата немале што да јадат, сопругата не можела да постигне без сопругот да ги посврши домашните работи и конечно – сите од семејството му свртеле грб. Но, овој упорен чудак не се откажувал од подготовките на својот апсурден подвиг: имено, само стотина метри подолу имало мост по кој реката можела да се помине. И колку повеќе овој чудак тренирал, толку повеќе се фокусирал на подготовките, а не на влегувањето во реката. И не само тоа – сè почесто им наоѓал мана на своите подготовки, па развил цел систем за нивно подобрување, за тие да станат – совршени. Направил дури и ПЛАН ЗА ПОДГОТОВКА НА ПОДГОТОВКИТЕ. Кога пријателите еден ден дошле кај упорниот подготвувач, и кога го прашале кога мисли да скокне во реката, тој целосно збунет и занесен во мерењето и бележењето на своите резултати, прашал; „Која река?“ Конечно пријателите сфатиле дека на подготвувачот му се случила познатата апсурдна ситуација кога незабележливо, средството што треба да служи да се стигне до целта, самото станува цел. Нешто што најчесто се гледа кај оние богати луѓе, кај кои печалењето пари станало цел, а не средство за подобар живот.
Целата колумна дочитајте ја на НОВА МАКЕДОНИЈА. Топло ви препорачуваме (и покрај смрзнувачката атмосфера во самата колумна).