Пишува Венко Андоновски за „Либертас“
Фотографијата е секогаш минато; и да е сликана една минута пред да ја видиме, таа ѝ припаѓа на минатото. Секогаш кога гледаме фотографии, се растажуваме (иако тоа не го признаваме): има едно јасно минато на фотографиите. И има премолчен муабет кој не можеме да го слушнеме. Фотографијата е нема и глува. И секогаш кога сум гледал фотографии, сум се прашувал: што ли зборувале оние кои се сликани на фотографијата?
Оваа фотографија ја добив од пријател. И се шокирав: министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во друштво на уметничка елита? Како да го сфатам тоа, во време кога Македонија живее во убедување дека политиката е целосно отцепена од народот, уметниците, интелектуалците? Дека политичарите си имаат свој свет кој не го споделуваат со другите луѓе од најразлични професии? Што бара „првиот полицаец“ на државава, инаку мој роднокраец (Кумановец), прво драг пријател а потоа и политичар, во друштво со мојот омилен, од моја рака напишан книжевен лик – Игњат Глембај (Драган Спасов – Дац), од мојата, но и македонска култна театарска претстава „Генетика на кучињата“? Што бара тука мојот драг пријател Александар Митевски, кому требаше пред неколку години да му напишам текст за музика, ама поради пезафатеност не успеавме да направиме хит како Горан Бреговиќ и Душко Трифуновиќ? Што бара тука оној театарски и филмски гениј Перо Арсовски, исто така важен лик од мојата дебитантска драма „Бунт во домот за старци“? Тогаш (како и секогаш), направи генијална улога. Што бара легендарниот Копров, што бара оној исклучителен комичар Сашко Коцев без кој „Златна буба мара“ би била само црвен инсект без црни точки? И најнакрај: зошто јас не сум таму, кога со сите сум – повеќе од брат по уметнички дух?
Оваа фотографија заслужува роман: темата е политичарот и другите. Уметниците, интелектуалците, чевларите, народот. Го пишувам ова под силна емоција на надеж дека Македонија допрва почнува како држава. И иако сум деклариран евроскептик, кога ја гледам фотографијава, знам дека од неа ќе биде не само европска, туку и светска држава. Кај нас, посебно по владеењето на последната постава на ВМРО-ДПМНЕ, се закостени убедувањето дека политичарите се недопирливи. Богови без контакт со другите: уметниците, интелектуалците, чевларите, народот… Текстот продолжува ТУКА.