Велешкиот градоначалник побара санкции за надлежните од Повардарската Епархија поради повикот до верниците да дојдат во црквите за Задушница

Градоначалникот на Велес – Аце Коцевски, побара од надлежните од Повардарската епархија на МПЦ-ОА да ги почитуваат уредбите на Владата против ширење на Ковид-19, а доколку тоа не го направат, побара од Министерството за внатрешни работи „да покрене соодветни санкции против тие што повикуваат и поттикнуваат да не се почитуваат законите“.

Ваквата реакција на Коцевски доаѓа откако Повардарската епархија на МПЦ-ОА на чело со митрополитот Агатангел, ги повика верниците во петок и сабота да дојдат во црквите и да понесат варена пченица, црвено вино и листа на починатите блиски и пријатели:

„Со оглед на новонастанатата состојба во нашата држава, а заради пандемијата со КОВИД-19, која се однесува на забраната за посетување на гробните места за денот на покојните – ДУХОВДЕНСКА ЗАДУШНИЦА, се известуваат и повикуваат сите верни чеда на Повардарската православна епархија од сите населени места кои се наоѓаат во нејзиниот состав, во деновите 05.06. 2020 (Петок) и 06.06.2020 (Сабота), во периодот од 08-14 часот, да дојдат во храмовите (дворовите на храмовите) и со себе да понесат варена пченица, црвено вино и список со своите претходно упокоени блиски роднини и пријатели.

Во тој спомен (на нашите претходно упокоени) на ден 06. 06. 2020 (Сабота) со почеток во 08 часот ќе биде отслужена и Заупокоена Литургија во сите храмови. Затоа Ве покануваме помасовно и достоинствено да им оддадеме чест и спомен на сите упокоени наши браќа и сестри во Христа“, се вели во соопштението на Повардарската епархија.

Коцевски, револтиран од повикот, порача:

„Македонија е секуларна држава и точно се определени нивните права и обврски и тие се одвоени од државата. Ги повикувам надлежните од Повардарска епархија да ги применуваат уредбите кои ги носат надлежните државни органи. Црковните лица, владиците и оџите не можат да бидат над законите. Ако тие не ги почитуваат, МВР е должно да покренат соодветни санкции против тие што повикуваат и поттикнуваат да не се почитуваат законите“, изјави Коцевски, пренесува „САКАМДАКАЖАМ.мк“.

Инаку, во Велес, црквите „Св. Спас“ и „Св. Пантелејмон“ имаат свои гробишта, каде се погребани поголемиот дел од велешките семејства, додава порталот.

- Реклама -