Велешка текстилна фaбрика исплатила К-15 од 100 денари. Останатите исплати се 1.000, 3.000, 3.500, 5.000 и 6.000 денари. Една штипска конфекција исплатила 4.000 денари во некакви бонови за пазарување од еден супер маркет.
Три угостителски објекти, четири супер маркети, три градежни фирми и триесетина текстилни конфекции се на списокот на невладината „Гласен Текстилец“- Штип, бидејќи на работниците не им исплатиле К-15, или на сметките на работниците им пуштиле од 100 до 6.000 денари наместо максималните 10.100 денари за регрес за годишен одмор.
Кристина Ампева од НВО „Гласен Текстилец“- Штип вели дека пријавите од текстилните работници пристигнуваат за конфекции од Крива Паланка, Штип, Делчево, Ресен, Пробиштип и Кочани.
– Досега сознанијата се дека две фабрики воопшто немаат исплатено регрес за годишен одмор, а дел исплатија во деновите по Нова година. Во Велес имаме исплати на К-15 од 100 денари. Останатите исплати се 1.000, 3.000, 3.500, 5.000 и 6.000 денари. Една штипска конфекција исплатила 4.000 денари во некакви бонови за пазарување од еден супер маркет, не знаеме какви се тие бонови еве тоа што го слушавме сега се случува – вели Ампева.
Во изминатите денови од Здружението им помогнале на дваесеттина работници да достават барања за добивање на К-15 од своите поранешни фирми, а, како што вели Ампева, овие работници само ги доставиле до Трудовиот инспекторат.
Според неа, позитивно е што работниците веќе го користат бројот на Трудовиот инспекторат.
– Втора година по ред како функционира оној број, 15 131 којшто е ставен во фунција од Министерството за труд и социјална политика и Трудовиот инспекторат. Голем број од работничките си ги користат тие механизми, две години по ред што е супер, за поздравување дека нели треба веќе да ги користат институциите, механизмите, што им стојат на располагање – рече Ампева.
Според она што го имаат како претставки од работниците, во две конфекции каде што има синдикална организација исплатата на регресот за годишен одмор е во неполн износ, а како што вели Ампева, тоа е срамно. Токму овие конфекции треба да бидат пример за останатите, смета таа, со цел работниците да се мотивираат и да почнат со синдикално здружување.
– Досега имаме сознанија дека пет до шест фирми имаат исплатено полн износ на К-15 од 10.100 денари, поголемиот дел се од Штип. И натаму останува проблемот што го имаме веќе со години наназад, поради тоа што не е прецизирано во општиот колективен договор, што кога фирмата е во загуба, кој е најнискиот износ. Затоа е и вака и се уште се случуваат истите манипулации – рече Ампева.
Таа побара од Управата за јавни приходи да кажат што значи загуба, кога една фирма ќе пријави.