Веганството ја намалува суровоста кон животните… Дали?

Постојат куп причини зошто луѓето се одлучуваат на веганство, но кај многумина една од клучните се однесува на суровоста кон животните. Дел од веганите гордо се расфрлаат со „фактот“ дека јадат храна која е „ослободена“ од таквата суровост. Но дали е (воопшто можно да е) така?

За почеток, доктор Френсис Меккормак укажува на суровоста кон едно малку подзаборавено животно на темата – човекот. Како што истакнува таа, многу од веганската храна се произведува под присилна работа, а во процесот страдаат работниците кои се максимално експлоатирани, држени во нечовечки услови, обесправени, и работат за минимална надокнада.

Луѓето кои берат индиски ореви, на пример, често добиваат опекотини по рацете од киселините кои се наоѓаат меѓу двата слоја на кората. Дел од тие луѓе се заробени во кампови за присилна работа, каде буквално со ќотек ги приморуваат на берба и чистење на веганска храна, истакнува Меккормак.

Голем дел од чоколадата која ја конзумираме настанува како производ на детска работа, при што деца од само 5 години ракуваат со опасни алатки. На плантажите на кафе често во една просторија спијат од 40 до 60 работници. Нема ни санитарни чворови, а не пак работни услови, а често заработуваат и помалку од минималната плата. Работниците на таквите плантажи се и често изложени на токсични хемикалии, што директно им го загрозува животот, потсетува докторката.

Полјоделството е одговорно за дури 70% од детската работа, а како вегетаријанизмот и општо стремежот за повеќе растителна храна влијае на ова поле, најдобро покажуваат бројките – од 2012 година, бројот на деца вработени во полјоделството е зголемен за 10 милиони.

Но да ги тргнеме луѓето настрана и да се вратиме на прашањето кое некои од веганите го сметаат за домашен терен – прашањето на суровост кон оние „баш“ животните, поточно убеденоста на дел од овие луѓе дека нивниот начин на живот и исхрана му прави услуга на животинскиот свет. Контра на нив, еден веган на својот блог истакнува дека конзумирањето веганска храна и понатаму значи смрт за голем број животни.

„Веганството не ги штити бројните глувци, змии, зајци и слично, кои се масовно труени за луѓето да можат да одгледуваат житарки. Не ги штити ни рибите, жабите и другите водени животни кои се труени со пестицидите со кои се третира овошјето и зеленчукот. Не ги штити ни правата на работниците кои ја произведуваат таа храна. Главниот проблем со промовирањето на храната која е ‘ослободена од суровост’ е фактот што тоа прави да се чувствуваме помалку виновни. Со тоа ја минимизираме нашата сопствена одговорност“, истакнува блогерот.

Во склоп на ова, The Guardian повторно потсетува на подзаборавеното животно – човекот, и го наведува примерот со киноата. Поради високото ниво на протеини, киноата „освои“ многу вегетаријанци и вегани. Со нејзината популаризација, порасна и нејзината продажба, а со тоа и цената. Тоа доведе до ситуација во која сиромашните луѓе во Перу и Боливија, каде што најмногу се произведува, да не можат да си ја дозволат. Во Лима, на пример, е поскапа и од пилешкото месо.

Сличен е и проблемот со производството на шпаргла (аспарагус). Берачите не можат да ги прехранат ни своите семејства со минималната дневница која ја добиваат работејќи во нечовечки услови.

- Реклама -