Веднаш по Нобеловата награда, книгите на Хан Канг продадени во 130.000 примероци во Јужна Кореја


Книгите на јужнокорејскиот писател Хан Канг, овогодинешниот добитник на Нобеловата награда за литература, се продадени во повеќе од 130.000 примероци за помалку од еден ден во онлајн книжарниците во Јужна Кореја, објави службената новинска агенција Yonhao.

Онлајн литературните платформи Kyobo Book Center и Yes24 објавија во петокот дека продале повеќе од 60.000 и 70.000 примероци од делата на Хан, соодветно. Нејзините книги сега се распродадени и достапни само за претходна нарачка.

Нејзината книга „Вегетаријанка“ беше популарна и досега на листата на најпродавани книги на Kyobo book Center, но откако ја доби Нобеловата награда, сите нејзини дела – „Human Acts“, „We Not Part“, „The White Book“ и „Greek Lessons”, се продаваат многу добро.

За седумте дела на писателката треба да се направи резервација, бидејќи книгите веќе ги нема на залихи. Од објавувањето на Нобеловата награда, продажбата во Kyobo Book Center е зголемена за дури 451 пати.

Сличен тренд има и на книжарската платформа Yes24, каде делата на Хан доминираат меѓу првите десет најпродавани. Само во петокот три наслови се продадени во вкупно 77.000 примероци.

Aladin, уште една онлајн книжарница, известува дека книгите на Хан се во првите осум на нејзината листа на најпродавани.

„Ова е првпат книгите на Хан да се продаваат толку брзо по ‘Вегетаријанка’, која ја доби меѓународната Букерова награда (Man Booker), вели Ким Хјун-јунг, одговорна за најпродаваните книги на Kyobo Book Center од 2008 година.

Нобеловиот комитет во четвртокот објави дека Хан Канг ја доби Нобеловата награда за литература „за нејзината напната поетска проза која се соочува со траумите на историјата и ја открива кревкоста на човечкиот живот“. Хан Канг е родена во 1970 година во Јужна Кореја во градот Гуангжу, а на деветгодишна возраст се преселила со семејството во Сеул.

- Реклама -