Вечерва (7 декември, четврток) во Скопје се одржува Главната вечер на ТАКСИРАТ Фестивал, а токму со овој настан официјално ќе биде затворено јубилејното 25-то издание на македонскиот најпосетен алтернативен музички фестивал. Во финалниот настан на јубилејниот ТАКСИРАТ кој ќе се одржува во Арената „Борис Трајковски“, публиката ќе има прилика да ужива во повеќе од 10 концерти и настапи кои паралелно ќе се одвиваат на три бини, а на кои ќе се претстават безмалку 20 музички изведувачи.
Главната вечер годинава ги собира ТАКСИРАТ резидентите, имињата потпишани зад најмасовните концерти, артистите кои дефинираа жанрови, но и станаа белег на „Таксират“ или уште поважно, музичката екипа која во моменти одигра значајна улога во опстојувањето на фестивалот. Покрај нив, скопската Арена „Борис Трајковски“ вечерва е збирно место и на новата генерација, актуелниот бунтовен звук, но и светската алтернативна, транскултурна електронска сцена. Во листата со изведувачи се: македонскиот маестрален музички уметник Кирил Џајковски, „Даб Ефекс“ од Австралија, „Ејсид Араб“ од Франција, но и најуспешниот регионален состав „Дубиоза Колектив“, како и популарните „С.А.Р.С.“, Страјк, „Смат“, „Лет 3“ и други.
Влезот за посетителите ќе биде отвроен во 19:30 часот, a почетокот на програмата е во 20:30 часот.