Вечерва ќе имаме шанса да го набљудуваме најдолгото затемнување на Месечината за 21-виот век!

Вечерва ќе бидеме сведоци на најдолгото целосно затемнување на Месечината во XXI-виот век. Следното вака долго затемнување, ќе се случи дури во 2123 година, односно по 105 години! За разлика од затемнувањето на Сонцето, кое може да се набљудува само 2-3 минути и тоа од тесен појас на некој дел на планетата, овој настан ќе биде видлив од поголемиот дел на „ноќната“ Земјина полутопка (секако таму каде што е ведро).

Поради движењето на Месечината околу Земјата, често пати таа влегува во Земјината сенка, при што настанува затемнување на Месечината, кое може да биде тотално и делумно. Според тоа, затемнувањето на Месечината може да се случи само во фазата на полна Месечина, односно кога таа е во опозиција (на спротивна страна од Сонцето или „зад Земјата“). Само во таква положба, постои можност Земјината сенка целосно да го покрие осветлениот дел на Месечината, односно нејзиниот диск. Иако би требало да се очекува да има затемнување секој месец, тоа не е така бидејќи Месечината не е во истата рамнина со орбитата на Земјата околу Сонцето (туку под агол од 5 степени). Исто така, орбитата на Месечината не е кружна, туку елипсеста со најблиска положба во перигеј (на растојание од околу 360.000 км од Земјата) и најдалечна во апогеј (на околу 400.000 км). Затоа, само 2-5 пати годишно, нашиот природен сателит поминува низ сенката на Земјата, што доведува до нејзино целосно затемнување. За време на затемнувањето, Месечината ќе има темно-црвена до бакарна боја (појава позната како „крвава Месечина“), затоа што е осветлена од рабните Сончеви зраци кои се прекршуваат низ Земјината атмосфера и делумно влегуваат во просторот на Земјината сенка.

На подрачјето на Република Македонија, полната Месечина ќе изгрее во 19.49 часот и веќе ќе биде навлезена во полусенката (пенумбра) на Земјата, а во Земјината сенка (умбра) ќе биде од 21.30 до 23.13 часот или 1 час и 43 минути. Бидејќи Месечината ќе помине низ апогеј (најдалечната положба од Земјата, каде и сенката е најизразена), времетраењето на затемнувањето ќе биде доста долго, дури 103 минути или најдолго во XXI век. Целата појава на целосно и делумно затемнување, ќе трае околу 5 часа, односно до околу 20 часот, па до 1.30 часот по полноќ, кога Месечината комплетно ќе излезе од Земјината сенка. Воедно, вечерва и во наредните ноќи, планетата Марс ќе биде најблиску до Сонцето и до Земјата од 2003 година и ќе биде видлив како истакната црвеникава точка, во близина на положбата на Месечината.

Треба да се спомене дека во многу традиционални, па дури и современи култури, затемнувањето на Месечината е поврзано со мистични верувања, преданија и легенди. Така, некои племиња во Африка веруваат дека за време на затемнување, Месечината ја напаѓаат опасни животни, поради што станува крвава. Инките пак сметале дека ја напаѓа јагуар. Некои племиња во Индонезија стрелале со запалени стрели кон Месечината за повторно да се „запали“. Во многу делови од светот и до денес останало верувањето дека затемнувањето на Месечината носи несреќа, потоа дека излегуваат „зли сили“, дека влијае на однесувањето на луѓето и многу други.

Како и да е, останува да се надеваме на колку-толку ведро време (се очекува променливо облачно, со можни слаби врнежи) и убави фотографии, а за тоа, доволен е фотоапарат со барем 10-20 пати оптичко зголемување.

Извор: Милевски И. 2012: Земјата и Вселената, универзитетски учебник.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

- Реклама -