„Вечерен ѕвон“ – авторски концерт посветен на 65 години од раѓањето на македонскиот композитор Гоце Коларовски


Празничната вечер на фестивалот „Охридско лето“  ќе донесе авторски концерт посветен на 65 години од раѓањето на македонскиот композитор Гоце Коларовски со наслов „ Вечерен ѕвон“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.

Викторија Коларовска-Гмирја, музиколог, пијанистките Марија Вршкова и Марија Ѓошевска, виолинистот Владимир Костов, флејтистот Страшо Темков, сопранот Гонца Богоморова, како гудачкиот  квартет составен од Ева Богоевска – виолина, Ивана Здравкова – виолина, Леона Кондратенко – виола и Маја Михајловска-виолончело.

Гоце Коларовски (5.02.1959, Скопје – 30.11.2006, Скопје) ѝ припаѓа на генерацијата македонски композитори чиешто творечко формирање се одвиваше во условите на постојан подем на професионалното музичко творештво и зацврстување на позициите на македонската национална композиторска школа. Композиторското образование Гоце Коларовски го стекна на Факултетот за музичка уметност – Скопје (класа на академик проф. Властимир Николовски) и на Конзерваториумот „Н. А. Римски-Корсаков“ во Санкт-Петербург (Ленинград, класа на проф. Сергеј М. Слонимски). Подоцна, кај Властимир Николовски ги завршува и постдипломските студии, станувајќи прв магистер по композиција на ФМУ – Скопје. Творештвото на Гоце Коларовски, цврсто потпрено на националната музичка традиција (македонскиот музички фолклор, старото православно пеење), ги одразува и различните текови на современата западна музика: фолклоризмот на Барток и Стравински, но и авангардните постапки низ призмата на полската школа. Во подоцнежниот период особено значење за него добиваат и Веберн и Ајвз – концентрираноста на изразот и рационалноста кај едниот и обемноста и слоевитоста на содржината кај другиот. Специјалниот интерес на Коларовски е насочен кон истражувањето на звукот врз база на феноменот на ѕвоната – воедно и препознатливиот знак на звучниот амбиент на православната традиција.

Во композиторскиот опус на Гоце Коларовски, иако не обемен, речиси сите дела претставуваат значаjнa појава и се на репертоарот на музичките уметници и ансамбли во Македонија и други земји.

Гоце Коларовски остана во историјата на македонската музичка култура како генеричка личност, промотор на нови идеи, сфаќања и стандарди. Како долгогодишен професор по композиција и група теориски предмети на ФМУ –Скопје, а во два мандата и декан на оваа институција, тој ја поттикнуваше креативноста кај младите со кои штедро ги споделуваше своите знаења и творечка енергија. По негова иницијатива во Македонија се одржаа и првите меѓународни летни школи по композиција. Неговата педагошка дејност се одвиваше на бројни семинари и мастер класи, а беше и поканет професор на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш. Како научник и публицист, тој ги промовираше новите теориски концепти, разработувајќи ги прашањата на современата музика и музичкото образование и претставувајќи ги на бројни научни собири во земјава и странство. Општествената дејност на Гоце Коларовски се одвиваше во Сојузот на композиторите на Македонија каде што повеќе години беше член на претседателството и селектор на манифестацијата „Денови на македонската музика“, придонесувајќи за нејзиниот меѓународен карактер. Гоце Коларовски е добитник на неколку награди и признанија за придонесот во композиторското творештво. Неговата симфониска музика, камерни дела за различни состави, солистички композиции со успех се изведуваат на концертните и фестивалските подиуми во Македонија и во други земји, секогаш оставајќи траен впечаток со својата длабока мисла, емотивност и композиторско мајсторство.

- Реклама -