Концертот ќе го води диригентот Конрад ван Алфен (Холандија), а како солисти ќе настапат врвните инструменталисти Даниел Роланд – виолина (Англија/Холандија) и Маја Богдановиќ – виолончело (Србија). На програмата се Концерт за виолина и виолончело во а-мол, оп. 102 од Јоханес Брамс и Симфонијата бр. 2 во е-мол, оп. 2 од Сергеј Рахмањинов, наведуваат од Филхармонија.
Германскиот композитор и виртуоз на пијано Јоханес Брамс (1833 – 1897), кому Роберт Шуман ќе му помогне да се афирмира како автор, се смета за еден од претставниците на романтизмот, иако структурата на неговите дела во најголем дел е – класична. Наследството од Бетовен, за Брамс претставувало светост, тој најдлабоко во себе ја чувал и негувал оваа традиција, а музиката на големиот германски композитор за него била највисоко музичко остварување од естетски и концептуален контекст. Концертот за виолина и виолончело во а-мол, опус 102, му го посветил на својот пријател Јозеф Јоаким, со кого не биле во најдобри односи во периодот кога е напишан.
Рускиот композитор Сергеј Рахмањинов (1873 – 1943) има посебно место во историјата на музиката. Пишуваше исклучително романтична музика, иако живееше и создаваше до средината на 20 век. Тој продолжи таму кај што застана Чајковски, збогатувајќи го мелодискиот идиом, типичен за музиката на 19 век, со индивидуализам и препознатливост. По неуспехот на Првата симфонија, која критичарите ја оценија како фијаско, Рахмањинов беше повлечен на дното од депресивно расположение, и тогаш изјави: „По ѓаволите со сите! Не знам како да пишувам симфонии, и немам никаква желба да ги пишувам“. Сепак, и покрај неуспехот на Првата, и депресивната состојба, тој почнува да ја пишува Втората симфонија, неговото најголемо оркестарско дело, кое за разлика од Првата, ќе доживее успех и целосна афирмација од критичарите.
Виолинистот Даниел Роланд е еден од водечките на светската музичка сцена. За него велат дека „звучи како ниту еден друг виолинист, и дека креира специфичен звук на инструментот на којшто свири“ (Шарлот Гарднер, „Грамофон“), дека поседува „гламурозен тон“ (Ричард Бретби, „Грамофон“), „фасцинантен тон во кој има деликатни финеси“ (Тим Ешли, „Гардијан“)…
Роланд се етаблира на светската музичка сцена кој изведува различен репертоар. Изведува музика од Бетовен, Брамс, Елгар, Корнголд, Прокофјев, Шнитке, а соработувал со водечки диригенти и солисти. Изведува и современа музика – концертите на Вакск, Линдберг, Глас, Саариаго и Ван дер Аа. Роланд е и пасиониран камерен музичар, настапувал со Ајви Гитлис, Николас Даниел, Ана Федорова, Нино Гветадзе, Мајкл Колинс, Елвис Костело… Бил член и на квартетот „Бродски“, еден од водечките камерни состави во светот. Освен што редовно настапува на светските музички сцени, Роланд работи и како професор на Кралскиот колеџ во Лондон. Роден е во Лондон, а со часови по виолина започнал кога неговите родители се преселиле во Холандија. Студирал со Јан Репко, Давина ван Вели, Херман Креберс, Виктор Либерман и Игор Ојстрах. Добитник е на првата награда на натпреварот „Оскар Бак“ во Концертгебау во Амстердам и на Брамсовата награда во Баден Баден.
Српската виолончелистка Маја Богдановиќ е една од најдобрите виолончелисти на денешнината. Како солистка настапила со швајцарскиот Тонхале оркестар, со Берлинскиот симфониски оркестар во салата на Берлинската филхармонија, со Токиската филхармонија, Државниот оркестар од Бремерхавен, со Словенечката, Белградската и Македонската филхармонија, со Камерниот оркестар на Минхен, оркестарот „Св. Бартоломео“ од Лондон и многу други. Има неколку музички изданија зад себе, а најновото е со виолинистот Даниел Роланд, кое вклучува светска изведба на дела од Пендерецки, Васкс, Солима и Нисимен. Критичарите го опишаа како „волшебна средба меѓу челото и виолината“. Иако има широк репертоар, Маја Богдановиќ на својата програма посебно место издвојува за современата музика. а премиерно извела дела од Софија Губадулина, Кшиштоф Пендерецки, Филип Сојерс, Бенџамин Јусупов и др. Исто така, свири на инструмент изработен за неа од францускиот мајстор Франк Раватин. Живее во Амстердам со својот партнер Даниел Роланд и нивната ќерка Лили.
Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години, бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холандија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот национален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден 1963 година, во Преторија. По завршувањето на своите музички студии, на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање, под раководство на Ери Клас и Роберто Бензи.