Премиерот Христијан Мицкоски денеска посочи дека во новиот буџет кој е во изработка за следната 2025 година ќе бидат предвидени мерки за студентите, а меѓу нив и ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди, како и средства од 10 милиони евра кои ќе бидат наменети за млади до 29 години за отпочнување бизниси.
„Мерките коишто ги промовиравме вчера подразбираат дека сите студенти, буквално сите студенти кај нас ќе добијат ваучер во вредност од 250 евра, со којшто ќе можат да купат електронски уред – телефон, компјутер или таблет, со коишто ќе бидат во ситуација да се вмрежуваат со своите колеги во регионот, но и во Европа и во светот. И цениме дека во овие тешки предизвиквуачки времиња тоа е помош за младите, но истовремено и во новиот буџет за следната година ќе обезбедиме десет милиони евра коишто ќе бидат наменети за млади до 29 години коишто ќе отпочнуваат свој бизнис и во зависност од бизнис планот тие ќе добијат грант од вредност од илјада до 30 илјади евра“, рече Мицкоски.
Како што појасни, Комисија ќе врши избор и селекција на проектите.
„Мислиме дека ова ќе претставува одличен мотив за младите да почнат овде да прават бизнис и истовремено да се вмрежуваат со своите врсници во регионот и во Европа“, рече тој.
Премиерот Мицкоски изјавата ја даде на заедничката прес-конференција со неговиот српски колега Милош Вучевиќ кој е во официјална посета на Скопје, на која двајцата се осврнаа на поврзувањето на двете земји и на регионот преку проекти во енергетската и железничката инфраструктура.
„Светот останува на младите. Сето тоа што денеска го правиме останува на нив. Сите овие проекти за кои што зборувавме и за енергетското проврзување и за патното и за железничкото поврзување се влог за иднината на младите да се обезбедат повеќе можности за да тие останат тука, да работат, да творат, тука да ги градат своите семејства. Оние коишто заминаа да се вратат“, вели Мицкоски.