Наводно, Ватикан воведува нов тренинг курс за егзорцизам. Тоа се должи на, повторно наводно, нагло зголемениот број на случаи на демонски опседнувања.
Како што соопшти Бенињо Палиља – сицилијански свештеник и егзорцист, за Радио Ватикан, во Италија има по 500.000 пријавени случаи на опседнувања годишно. Тоа значи дека побарувачката за свети луѓе што истеруваат ѓаволи е тројно зголемена.
Според Палиља, зголемената демонска активност се должи на сé поголемиот број луѓе што бараат услуги од тарот читачи и претскажувачи на судбината. Овие пракси, според црквата, „ја отвараат вратата за ѓаволот и за опседнување“.
Сепак, свештеникот истакнува и дека многу од пријавените случаи всушност се поврзани со спиритуални или психолошки проблеми, а не толку со Ѓаволот лично.
Во Италија низ годиниве наводно е зголемена и побарувачката на услуги на астролози; според организацијата на потрошувачи Codacons, една четвртина од Италијанците редовно посетуваат астролози, гледачи на карти или претскажувачи на судбината.
И модерното вештерство доживува камбек, пред сé благодарение на разни Инстаграм профили посветени на спиритуални пракси (Hood Witch, на пример).
Егзорцизмот, пак, е признаен од канонските закони, а во 2014-та, Ватикан ѝ даде и официјална поддршка на Интернационалната асоцијација на егзорцисти. Асоцијацијата има околу 400 членови, од кои 240 се во Италија. Ако му веруваме на Бенињо Палиља, не се доволни.