Македонскиот првак Вардар би добил релативно лесен ривал во следното квалификациско коло од ЛШ доколку успее да го мине Бате Борисов, откако денешната ждрепка одлучи подобриот од овој двомеч во третата квалификациска рунда да се сретне со победникот од пресметките меѓу албанскиот првак Скендербег и унгарскиот шампион Дебрецин.
Првиот меч Вардар би го играл на домашен терен на 31 јули/1 август, а реваншот би се играл седум дена подоцна на теренот на противникот. Првиот дуел меѓу овие две екипи заврши со триумф на Скендербег во Албанија од 1:0, па сега унгарските фудбалери ќе се обидат со стигнат до триумф од два гола разлика за да ги продолжат настапите во квалификациите за Лигата на шампионите.
Тимот на Скендербег би претставувал целосна непознаница за македонската фудбалска јавност, додека од составот на Дебрецин имаме позитивни спомени, со оглед на фактот дека Работнички во сезоната 2006/2007 го елиминираше унгарскиот тим, совладувајќи го во Скопје со 4:1, откако првиот меч во Дебрецин заврши со нерешени 1:1.
Фактот дека против себе во следната фаза би имале противници кои не се со големо реноме и против коишто сигурно може да се одигра добро, ќе претставува мотив повеќе за фудбалерите на Вардар да одговорат на предизвикот и со добра игра во реваншот да го елиминираат Бате Борисов и да ја продолжат својата европска авантура.