Вардан Тозија со филмот „М“ ја освои главната награда за најдобра режија во интернационална конкуренција на најголемиот жанровски филмски фестивал во Јужна Америка, „Фантаспоа“ (Fantaspoa). Ова е 20. издание на фестивалот што се одржа во Порто Алегре, Бразил. Тој е единствениот фестивал од Јужна Америка што е дел од престижната Мелиес – Европска филмска федерација на фантастични филмови, организација која ги обединува најзначајните 22 жанровски филмски фестивали во светот.
Силвија Каминер, членка на интернационалното жири на „Фантаспоа“, го опиша „М“ како „прекрасна и прогонувачка приказна. Тозија внесува нов живот во зомби жанрот, преку чудесен визуелен израз и исклучителна актерска изведба на двете мали ѕвезди“.
Филмот „М“ беше дел од интернационалната селекција, составена од 24 филмови од цел свет, во најголем дел со свои светски и континентални премиери. По успехот на овој македонски филм, се очекува широка дистрибуција низ земјите на Јужна Америка.
„М“ е втор долгометражен филм на Вардар Тозија. Филмот е во продукција на „Фокус покус филмс“. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм и е копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција.