Или постои кривично дело, опишано и предвидено во Кривичниот законик, или не постои – тоа е она што треба да го знае јавноста, истакна пратеничката на СДСМ – Снежана Калеска-Ванчева, правник, зборувајќи од позиција на долгогодишен адвокат.
„Онака како што е пропишано кривичното дело ако во дејствијата ги најдете субјективното и објективното битие во самото кривично дело, тогаш го подведувате кон истото“, објасни таа во гостување на ТВ „Телма“. Имено, Ванчева потенцира дека Членот 313 гласи „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, додека „тероризам“ е посебно кривично дело кое има друг член, а тоа е 394-б. Едното со другото се многу различни, а Обвинителството е тоа кое, прибирајќи ги доказите во истрагата, оценува дали одредени дејствија припаѓаат и одговараат на членот 313, додаде таа.
„И одлучиле, по мое мислење со право, дека овие луѓе треба да одговараат по членот 313. Ние имаме кривично дело кое точно гласи што значи ‘терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста’. Апсолутно таквите дејствија создадоа насилство кое што создаде страв, загриженост, несигурност кај граѓаните воопшто“, истакна Ванчева.
Клучниот момент, според неа, е дали Обвинителството докажало дека кај тие луѓе постоела намера да го направат тоа дејство – да создадат страв, несигурност, а со тоа и загрозување на уставниот поредок.