Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Робин ван Перси го постигна најбрзиот гол оваа сезона во Премиер лигата, погодок со кој „Црвените ѓаволи“ остварија победа од 1:0 на домашен терен против Вест Хем.
Уште во првата минута Ван Перси ја затресе противничката мрежа, а тоа се покажа како доволно за триумф на тимот на сер Алекс Фергусон. Со тоа Јунајтед се задржа на првото место на табелата, со еден бод предност пред градскиот ривал Манчестер Сити, кој славеше со 0:2 на гости против Виган.
Марио Балотели го отвори резултатот во корист на „Граѓаните“, а Џејмс Милнер постигна убав погодок за потврда на триумфот на Манчестер Сити.
Челзи и во вториот натпревар под раководство на Рафаел Бенитез одигра реми без голови, овојпат на „Стемфорд Бриџ“ против Фулам. Во нападот беше Фернандо Торес, но ниту тој ниту неговите соиграчи не успеаја да го пронајдат патот на топката до мрежата.
Тотенхем го совлада Ливерпул со 2:1, со головите на Арон Ленон и на Герет Бејл. Ливерпул постигна почесен погодок, кој всушност беше автогол на Бејл во 72.минута од средбата.