Вакцина против инфаркт

Вакцина против инфарктНовата вакцина против инфаркт засега се тестира само на лабораториски глувци, но додека да биде применлива и на луѓе запознајте се со првите знаци кои го идентификуваат инфарктот, како и со уште некои факти поврзани со него, за да знаете што е потребно да преземете за да спасите нечиј живот или можеби својот.

Шведските научници соопштија дека развиваат вакцина која ќе може да нè заштити од срцеви болести и која биго намалила бројот на инфаркти за 70%! Според нив, првите експерименти дале добри резултати а истата би била во употреба за три до пет години. Истражувачите од институтот “Каролинска” тврдат дека вакцината би ја спречила реакцијата на имунолошкиот систем кон зголемената количина на холестерол (маснотии) во крвта.

– Вакцината ќе ги блокира Т-клетките што ги создава имунолошкиот систем. Овие клетки кои се дел од леукоцитите, ги штитат луѓето од бактерии и од вируси, но се јавуваат со реакција и кога организмот ќе детектира зголемено количество холестерол кој се лепи на ѕидовите на артериите и крвните садови, па како резултат на тоа тие се стеснуваат, се зголемува крвниот притисок, дотокот на крв во срцето се намалува и се зголемува опасноста од инфаркт.

Новата вакцина засега се тестира само на лабораториски глувци, но додека да биде применлива и на луѓе, запознајте се со првите знаци кои го идентификуваат инфарктот, како и со уште некои работи поврзани со него за да знаете што е потребно да преземете за да спасите нечиј живот или можеби својот.

Инфаркт може да биде и прва манифестација на некои срцеви заболувања, но, за жал, тој и понатаму е водечка причина за смрт. Додека во развиените земји во светот зачестеноста на смрт од инфаркт се смалува, во нашата земја и во соседните земји расте, но да видиме како настанува инфарктот. Како што е познато, луѓето имаат две срцеви артерии: лева и десна и тие го снабдуваат срцето со крв, односно кислород. Ако од која било причина овој процесс се поремети срцето страда, се оштетува. Промените кои настануваат на овие крвни садови не се само од нивно стеснување од маснотии. Промените многу често се предизвикани и од артериосклероза, процес кој е поврзан со процесот на стареење. Овој процес зема замав после 45 година кај мажите и после 55 година кај жените.

На артериосклерозата освен возраста, влијаат и други фактори кои се поделени во две групи: фактори на кои не може да се влијае и фактори на ризик на кои може да се влијае.

Најважни фактори на кардиоваскуларниот ризик сепак се: генетска предиспозиција, години на старост, машкиот пол, шеќерна болест, зголемен крвен притисок, пушење, зголемена телесна тежина, физичка неактивност и друго…

Иако многумина мислат дека инфаркт е ненадеен и интензивен напад како оној што го гледаме по филмовите кога човекот ќе се фати за гради и ќе падне мртов, вистината е нешто друго. Многу инфаркти почнуваат со слаба болка или со чувство на непријатност. Симптомите можат да престанат и повторно да се јават, а дури и оној кој претрпел инфаркт наредниот пат тешко ги препознава, бидејќи инфарктот е придружен со различни симптоми. Сепак, најважен симптом е БОЛКАТА.

Таа најчесто се јавува наутро, после физичка активност и напор, после обилен и тежок оброк или при студ. Локацијата на болката е под градната коска и личи на стегање, печење или кинење. Болката трае околу половина час и се шири кон левото рамо, левата рака и долната вилица. Може да биде проследена со обилно потење, слабост, чувство на замор и изнемоштеност, мачнина и недостиг на воздух. Може да ги има сите симптоми, но и само некои и како што гледате многу се слични со други болести.

За жал, во последно време од оваа страшна болест страдаат сè помлади луѓе, како резултат на нездрава исхрана, голема тежина, консумирање алхохол, пушење и физичка неактивност. Исто така, причина можат да бидат напорни вежби не соодветно дозирани и на своја рака, ненадеен емоционален стрес, како и неконтролирана употреба на лекови или дрога, но во голем број случаи дури и не се знае точната причина. Како да е, внимавајте и како живеете, но и на евентуалните симптоми, бидејќи ако се дејствува во првите два часа инфарктот се преживува. Имајте го сето ова на ум додека да дојде вакцината, но и потоа!

Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР

- Реклама -