По повод Денот на македонскиот јазик, а во рамки на Програмата за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, денеска Владата ја промовираше интерактивната онлајн платформа „https://makedonski.gov.mk/“, на која веќе од денес без ограничувања достапна е дигитална верзија на „Толковниот речник на македонскиот јазик“ (ТРМЈ), составен од шест тома и над 100.000 зборови. Наскоро на платформата ќе биде поставен и „Правописот на македонскиот јазик“, достапен од пред две години на „pravopis.mk“.
Печатените 4200 страници, за електронското издание, авторите и редакцијата на „Толковниот речник на македонскиот јазик“ ги изготвија откако на предлог на Советот за македонски јазик и на барање на Институтот за македонски јазик, Владата одлучи трајно да ги откупи материјалните права на составувачите на овој значаен лексикографски труд.
Во наредната фаза планирана е и надоградба на веб-платформата со можност за автоматизирано поврзување на сите кои сакаат да го користат толковниот речник за развивање на свои софтвери и апликации. Владата ќе го стави дигиталниот материјал и кодот на толковниот речник на располагање на истражувачите, компаниите и програмерите кои развиваат софтвери, за да можат да креираат корисни апликации кои ќе ја олеснат употребата на македонскиот јазик, ќе ја направат поинтересна и ќе придонесат во развојот на јазикот, истакна премиерот Зоран Заев од Спомен-собата на Крсте Мисирков во Институтот за македонски јазик кој го носи неговото име.
Тој ги повика сите лингвисти и македонисти во светот, сите проучувачи на македонскиот јазик, но и сите граѓани заедно со оние од дијаспората, да го користат отворениот ресурс на дигитализираниот Речник како изворник за создавање многу други специјализирани речници.
„Токму вака се сака јазикот – кога алатките за описменување и правилно користење на македонскиот јазик стануваат лесно достапни секому, покажувате грижа за јазикот. Кога овозможувате иднина преку платформа која ќе овозможи развој на јазикот, покажувате конкретен чекор за заштита на јазикот“, истакна премиерот, посочувајќи дека Толковниот речник е уште една потврда дека Македонците се народ со богата лексика, долга јазична традиција и лексичко наследство кое не може да се оспори.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, кој е покровител на „Годината на Конески“ – манифестацијата по повод 100 годишнината од неговото раѓање, истакна дека Конески и лингвистите од неговата генерација го внесоа македонскиот јазик и неговите дијалекти во општословенскиот и во европскиот лингвистички атлас. Како што рече претседателот, тоа била космополитска генерација која ја ширела мрежата на македонисти во светот.
„Конески, како и Мисирков пред него, бил свесен дека јазикот ја дели судбината на народот што е негов носител. Македонскиот јазик му дава легитимитет на македонскиот идентитет и затоа Конески сметал дека нашето јазично прашање ние сами треба да го решаваме и никој нема право да ни се меша во тоа. Македонскиот јазик е наше приватно и основно човеково право и чувар на нашата колективна меморија. Затоа и со последната статија, Конески нè потсетува на нашата обврска да го продолжиме делото на неговата генерација, вложувајќи во македонскиот јазик, бидејќи на тој начин ќе стоиме обединети во одбраната на македонскиот идентитет“, подвлече Пендаровски.