Усвоена декларацијата на самитот во Дубровник: Без слободна и мирна Украина, нема слободна и мирна Европа 

Меѓу учесниците на самитот беше и македонскиот премиер Христијан Мицкоски кој во објава на Фејсбук напиша дека имал средба со украинскиот претседател, Володимир Зеленски на која изразил поддршка и стремеж за остварување на целта за траен мир

Без слободна и мирна Украина, нема слободна и мирна Европа, се вели во заклучокот од завршната декларација на самитот Украина-Југоисточна Европа, што се одржа во Дубровник, Хрватска.

Заедничка фотографија на учесниците на самитот Украина – Југоистоична Европа, што се одржа во Дубровник / Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Во документот се осудува руската инвазија и се потврдува поддршката за Украина, нејзиниот територијален интегритет, европските интеграции и членството на земјата во НАТО. 

„Најостро ја осудуваме оваа неиспровоцирана, неоправдана и незаконска руска освојувачка војна против Украина, злосторство против украинскиот народ, јасно кршење на меѓународното право и голема закана за мирот и безбедноста на Југоисточна Европа, целиот европски континент и светот“,

се наведува во декларацијата. 

Главната цел на средбата, која заеднички ја организираа украинскиот претседател Володимир Зеленски и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, беше да се покаже поддршката на земјите од регионот за Украина. 

На самитот, покрај Зеленски и Пленковиќ, учествуваа претставници на 12 земји. Меѓу учесниците беше и македонскиот премиер Христијан Мицкоски кој во објава на Фејсбук напиша:  

„Поддршка за Украина и напорите за постигнувањето на траен мир. Регионот обединет во заедничката цел“.  

Мицкоски, исто така, на Фејсбук информира дека имал средба со украинскиот претседател, Зеленски, на која изразил поддршка и стремеж за остварување на целта за траен мир. 

Во текстот на декларацијата се нагласува дека поддршката на учесниците на состанокот за украинската независност, суверенитет и територијален интегритет во меѓународно признатите граници продолжува да биде апсолутна. Учесниците ја потврдија својата поддршка за мировниот план на украинскиот претседател, што ја сметаат за клучна рамка за враќање на мирот. 

Во декларацијата се повикува меѓународната заедница да ја зголеми поддршката за Украина и „сите земји да не обезбедуваат материјална или друга помош за руската освојувачка војна“. 

Учесниците ги осудија и ги оквалификуваа „обидите на Русија за насилно и незаконско анексија на територијата на Украина“, како и изборите што Москва ги одржа во окупираните украински региони во март и септември, нарекувајќи ги „ништовни и неважечки“. 

Декларацијата го поздравува отворањето на пристапните преговори меѓу ЕУ и Украина, како и фактот дека НАТО на самитот во Вашингтон „ја повтори посветеноста да ја поддржи Украина на нејзиниот неповратен пат кон целосна евроатланска интеграција, вклучително и членство во Алијансата“. 

„Ја повторуваме нашата цврста посветеност да ги изведеме пред лицето на правдата лицата одговорни за злосторството на агресијата, злосторствата против човештвото и воените злосторства извршени за време на руската освојувачка војна“,

се вели во декларацијата. 

Текстот ја нагласува клучната важност на енергетската безбедност на Украина, чии „електрани и енергетска мрежа трпат огромна штета поради руските систематски и намерни напади“. 

„Нагласуваме дека секоја употреба на нуклеарна енергија и нуклеарни постројки мора да бидат безбедни, заштитени и прифатливи за животната средина. Во овој контекст, нагласуваме дека нуклеарната централа Запорожје мора да се врати под целосна суверена контрола на Украина и да работи безбедно“,

се наведува во декларацијата. 

Учесниците ја изразија својата посветеност да учествуваат во сегашната и повоената реконструкција на Украина „за да се обезбеди нејзината просперитетна иднина“. 

Самитот во Дубровник е трет собир од ваков формат, откако претходните два се одржаа во Атина и Тирана. 

- Реклама -