Уставните судии по четири обиди не успеаја да изберат наследник на Кацарска, продолжуваат утре

И во новите два обиди за кандидатурата на Васиќ-Бозаџеива гласале 5 судии, додека нејзината условно кажано, противкандидатка повторно добила 4 гласа. За избор на претседател на Уставниот суд потребно е еден од кандидатите да добие најмалку шест гласови од вкупно деветмината судии колку што брои составот на Судот

И по четири круга гласање судиите на Уставниот суд денеска на успеаја да изберат претседател кој ќе ја преземе функцијата од нивната колешка Добрила Кацарска, чиј тригодишен мандат на чело на Судот истекува на 2 јуни.

Салата за седници на Уставниот суд / Фото: Архива

Како и во претходните два обиди, двете кандидатки за функцијата, судијките Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павловска-Данева и во третиот и во четвртиот круг гласање не успеале да го добијат неопходното двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.

И во новите два обиди за кандидатурата на Васиќ-Бозаџеива гласале 5 судии, додека нејзината, условно кажано, противкандидатка повторно добила 4 гласа.

Инаку за избор на претседател на Уставниот суд потребно е еден од кандидатите да добие најмалку шест гласови од вкупно деветтемина судии колку што брои составот на Судот.

Во соопштението на Уставниот суд за денешното „неуспешно“ гласање за избор на нов претседател, се вели дека тоа ќе продолжи утре сè додека не се избере наследникот на Кацарска.

„Во Уставниот суд денеска се одржаа четири круга на гласање за претседател, при што ниту еден од предложените кандидати не го доби потребното мнозинство. Согласно Деловникот, постапката за избор се повторува сè додека не се избере претседател на Уставниот суд. Седницата за избор продолжува утре во 10 часот“,

велат од Уставен.

Изборот на претседател, како што соопштија од Уставниот суд пред почетокот на седницата, се врши согласно член 7 од Деловникот за работа на Судот.

„Уставниот суд на седница избира претседател на Уставниот суд од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање. Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд. Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите. Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува“,

соопштија утрово од Уставен.

Актуeлниот состав на Уставниот суд го сочинуваат судиите: Добрила Кацарска, Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Ана Павловска-Данева, Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски и Фатмир Скендер.

Уставните судијки Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павловска-Данева / Фотоколаж: „360 степени“

Сè уште актуелната претседателка на Уставниот суд во заминување, Добрила Кацарска, синоќа во интервју за телевизијата Телма рече дека нема да предложи ниту еден кандидат за претседател на Уставниот суд, за тоа да не биде сфатено дека пренесува нечија порака.

„Токму затоа им објаснив дека нема да предлагам и нема да фаворизирам ниту еден од моите колеги. Инаку, сите осум судии ги исполнуваат условите и секој од нив може да биде избран за претседател“,

рече Кацарска во синоќешното гостување во „Топ тема“ на телевизија Телма.

На прашањето дали веќе има лобирање кај неа, таа појасни дека гласањето е тајно, а за кого таа ќе гласа не може да каже. Но, секако дека, рече таа, ќе гласа за колега за кој смета дека ќе продолжи да го раководи судот на чесен, професионален, домаќински начин.

- Реклама -