Уставните судии ниту денеска не избраа претседател – и Осман Кадриу не го доби неопходното мнозинство

Во однос на функционирањето на Уставниот суд без претседател, имајќи предвид дека сè уште не избран наследник на Кацарска чиј мандат како претседател истече вчера, од Уставен велат дека судиите денеска едногласно одлучиле за прашањата кои се однесуваат на управувањето да одлучуваат колективно

Уставниот суд и понатаму останува без претседател откако и по два круга гласање што се одржаа денеска ниту еден од предложените кандидати не успеал да го добие потребното мнозинство.

Уставниот судија Осман Кадриу / Фото: Уставен суд на РСМ

За разлика од минатата недела, членовите на Уставниот суд денеска гласаа само за по еден кандидат и тоа во двата круга. Ваквата околност дојде откако Ана Павловска-Данева се повлече од трката за челното место на овалната маса во салата за седници на Судот, па во првиот круг се гласало само за нејзината, условно кажано противкандидатка, Татјана Васиќ-Бозаџиева.

Но, таа повторно не го добила неопходното двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на Уставниот суд кој брои девет члена.

По ова, се спровел и вториот круг гласање, каде што како нов кандидат бил предложен судијата Осман Кадриу, но и тој како и двете негови колешки претходно не го добил потребното мнозинство гласови.

Имено, за да биде избран за претседател, предложениот кандидат треба да има најмалку шест гласа.

„Денеска продолжи седницата за избор на нов претседател на  Уставниот суд. Се гласаше двапати за различни кандидати, при што ниту еден од нив не го доби потребното мнозинство, односно поддршка од најмалку две третини од вкупниот број судии или најмалку 6 гласа. Во моментот се вршат консултации помеѓу судиите за продолжението на оваа седница“,

се наведува во соопштението од Уставен.

И по осум круга гласање, нема нов претседател на Уставен

Седницата за избор на претседател на Уставниот суд започна на 30 мај и досега имаше осум круга гласања.

Минатата недела во четвртокот и петокот пропаднаа претходните шест обиди на членовите на Уставниот суд да изберат наследник на Добрила Кацарска, чиј тригодишен мандат како претседател истече вчера (2 јуни).

Сите шест обиди минатата недела завршија со идентичен сооднос на гласовите, односно пет гласа доби Васиќ-Бозаџиева, додека предлогот на претседателското столче да седне Павловска-Данева го поддржаа четворица нејзини колеги.

Во одговор на новинарски прашања од Уставен попладнево информираа дека Васиќ-Бозаџиева и денеска добила пет гласа, а идентичен број гласови во вториот круг добил и нејзиниот колега, Осман Кадриу.

Причината, пак, за повлекувањето на Павловска-Данева, што, како што информираат од Уставен, таа ја соопштила на седницата било тоа што не сакала нејзината кандидатура да биде причина за уставна криза.

Павловска-Данева ова го потврди и во изјава за државната новинска агенција.

„Со цел да не се доведе државата во уставна криза, се повлеков и побарав судот да гласа согласно принципот на меритократија, односно исклучиво согласно професионалните квалификации и менаџерските капацитети на кандидатите. Судијката Васиќ остана единствен кандидат“,

изјавила за МИА судијката Павловска-Данева.

Уставните судијки Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павловска-Данева / Фотоколаж: „360 степени“

Што понатаму?

Во однос на функционирањето на Уставниот суд без претседател, имајќи предвид дека сè уште не е избран наследник на Кацарска, од Уставен велат дека судиите денеска едногласно одлучиле за прашањата кои се однесуваат на управувањето да одлучуваат колективно.

„Со оглед дека сè уште не е избран нов претседател на Судот, а со цел Уставниот суд да функционира непречено, судиите едногласно зазедоа став, за прашањата кои се однесуваат на управувањето, да се одлучува колективно“,

се наведува во соопштението од Уставен.

На дополнително новинарско прашање за функционирањето на Уставен без претседател, оттаму велат:

 „Уставниот суд е колективно тело, секако дека одлуките ги носат со мнозинство, а претседателот е само прв меѓу еднаквите, во таа смисла е колективното одлучување за прашања кои се однесуваат на управувањето“.

Во врска со причините за поделеноста на гласовите и тоа што ниту еден од досегашните кандидати не успеа да го обезбеди неопходното двотретинско мнозинство од најмалку шест гласа, од Уставен кратко одговараат дека судиите гласаат по сопствено убедување.

„Гласањето ‘за’ или ‘против’ е нивно лично убедување“,

велат оттаму.

Според Деловникот, Уставниот суд на седница избира претседател на Судот од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број судии, со тајно гласање.

„Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд. Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите. Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува“,

соопштија минатата недела од Уставен пред почетокот на седницата за избор на претседател.

Зградата во која се наоѓа Уставниот суд на Република Северна Македонија / Фото: Архива

Во врска со прашањето што понатаму во ваква ситуација, од Уставен велат дека постапката за избор на претседател продолжува согласно членот 7 став 4 од Деловникот на Судот, според кој доколку кандидатот не го добие потребното мнозинство, постапката за избор на претседател се повторува.

Како ваквата ситуација ќе се одрази работењето на Судот во делот на работата со предмети, оттаму велат дека судот непречено работи.

„Прима предмети и постојните предмети тековно се работат. Предметите се поделени на судии и советници“,

велат од Уставниот суд во одговор на новинарски прашања.

- Реклама -