Уставните измени не важат ако владата на Ципрас не го ратификува Преспанскиот договор

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Заврши комисиската расправа за третата, конечна фаза од уставните измени. Комисијата за уставни прашања го усвои уставниот закон за прогласување на амандманите, пренесува Сител.

Според сегашната верзија на законот, прифатен е амандманот на независните пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, со кој се утврди дека амандманите се неважечки доколку веднаш не се исполнат условите за ратификација на Преспанскиот договор и ратификација на протоколот за членство во НАТО од страна на Грција. Со други зборови, амандманите ќе влезат во сила само ако оваа – на Алексис Ципрас, а не некоја идна грчка влада, го ратификува Преспанскиот договор.

Амандманите од опозциската БЕСА и Алијансата на Албанците – кои бараа да се избрише зборот „македонско“ од државјанството и да остане само „граѓанин на Република Северна Македонија“ – не се прифатени, но прифатен е заедничкиот амандман од Комисијата со кој се дефинира дека зборот „македонско“ не ја определува ниту ја предодредува етничката припадност.

Прифатен е и амандманот со кој Косово се вклучува во членот кој ги набројува соседните држави на Република Македонија.

 

Пленарната седница за амандманите е најавена за 9. јануари.

 

- Реклама -