Уште тројца здравствени работници даруваа крвна плазма: Го имаме лекот во нас и треба да го искористиме!

Уште тројца здравствени работници вчера даруваа крвна плазма, информира министерот Венко Филипче. Мирјана, Јадранка и Исмаил од Општата болница во Куманово, по закрепнувањето од ковид-19 даруваа конвалесцентна плазма за лекување на пациентите од коронавирусот, објави тој на Фејсбук, пренесувајќи ја нивната порака:

„Ние го имаме лекот во нас и треба да го искористиме. Антителата со текот на време ослабуваат, подобро да помогнеме на некого, ќе се чувствуваме подобро како луѓе. Апелирам до сите мои сограѓани а ги има во голем број, Куманово беше жариште на вирусот, да го сторат истото што побрзо.

Сега треба да се мобилизираме во што поголем број. Да помогнеме на заболените и на здравствениот систем. Да не заборавиме низ што поминавме и со колку неизвесност и страв чекавме дали болеста ќе прогресира или ќе оздравиме

Ги охрабрувам дека ова е единствениот начин да се оддолжиме за сѐ што беше направено за нас за да ја победиме болеста“, вели медицинската сестра Јадранка.

Таа вчера во Институтот за трансфузиона медицина донираше крвна плазма, која засега се покажува како најефикасниот лек против коронавирусот.

ДА ГО ПОБЕДИМЕ COVID-19 Дарувај плазма, спаси живот

- Реклама -