Уште тројца пациенти кои беа меѓу повредените во автобуската несреќа во Бугарија, денеска се отпуштени од Итната болница Пирогов во Софија.
Се работи за маж и неговата сопруга, а третото лице е млада девојка. Според официјалното соопштение од болницата, пациентите се во стабилна и добра општа состојба.
Заедно со нив, досега вкупно 5 од повредените и преживеаните се отпуштени од болницата. На лекување остануваат уште двајца.
Министерот за здравство Венко Филипче, денеска соопшти дека еден од тројцата пациенти е веќе тргнат, а останатите двајца ќе бидат транспортирани во попладневните часови и се очекува да стигнат вечерва.
„Веројатно тројцата иницијално ќе бидат задржани повторно на Клиниката за пластична хирургија. Добро се чувствуваат сите кои се таму, вклучувајќи ги и овие тројца. Добро се чувствува и оперираниопт пациент. Тој веќе е вертикализиран и почнува да оди“, изјави Филипче.
Двајцата пациенти, пак, кои во саботата се вратија од Софија и беа хоспитализирани во Универзитетскиот Клинички Центар „Мајка Тереза” во Скопје, денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување.
Извор: МИА