Урсула фон дер Лајен ги штеди европските пари: Ќе спие во канцеларија од 25 квадрати во Европската комисија

По барање на новоизбраната претседателка на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен, во централата на институцијата во Брисел ќе бидат создадени услови за да може таа таму да живее. Тоа го потврдиле и од кабинетот на Фон дер Лајен, за низа медиуми.

Имено, 25 метри квадратни од спратот во зградата предвиден за претседателот на ЕК и неговиот тим, ќе бидат преуредени во просторија во која Фон дер Лајен ќе може да преспие и ќе располага со мала кујна.

Портпаролите на новата претседателка на ЕК потсетуваат дека и додека била германски министер за одбрана, Фон дер Лајен „живеела“ во слични услови во зградата на министерството, каде работела и преспивала во текот на работната седмица, а со семејството се гледала во слободните денови.

Со ваквата постапка, како што објаснуваат од нејзиниот кабинет, Фон дер Лајен ќе заштеди европски пари на патни трошоци, но и на лично обезбедување, со оглед дека зградата и онака е постојано обезбедувана. Дополнително, фон дер Лајен ќе заштеди и на време поминато во сообраќај (и сообраќаен застој) во Брисел.

- Реклама -