Уредникот на „360 степени“ со реакција на демантот на Јанева за „форензичкото бришење“ на компјутерите во СЈО

Откако вчера порталот „360степени.мк“ објави дека Јанева наредила ‘форензичко бришење’ на компјутерите во СЈО, а потоа тоа го демантираа од СЈО, синоќа по полноќ се огласи и уредникот на „360 Степени“ – Васко Попетревски. Во реакцијата, насловена „Пукната цевка во СЈО“, уредникот Попетревски пишува:

 

„Почитувани читатели на порталот 360степени.мк и на нашите профили на социјалните мрежи,

По бројните реакции за текстот под наслов „Катица Јанева наредила ‚форензичко бришење’ на компјутерите во СЈО“ и демантот од Специјалното јавно обвинителство, чувствувам потреба да Ви се обратам со неколку појаснувања и потсетувања.

Калкулирајќи со можните реакции (па и за кредибилитетот на ‘360 Степени’) и избирајќи да останеме во безбедна зона, можевме да решиме и да не го објавиме текстот. Тоа ќе беше најлесната одлука. Написи базирани на анонимни извори, особено кога и за настанот (наредбата) на кој се однесуваат, нема писмени траги, се најподатливи за ‘демант’.

Но, ние решивме да го објавиме. Решивме да бидеме гласот на вработени во СЈО, кои ‘изгорени’ од настаните во изминатите недели, сакаа да ја алармираат јавноста, но и институциите, за најавена постапка (на ‘форензичко бришење’ на компјутерите) со можни далекусежни последици. Во функција на јавниот интерес“, стои во реакцијата.

Попетревски истакнува дека притоа, како што налагаат основните новинарски стандарди, тие навреме се обратиле со прашања до СЈО, но наместо да добијат одговори, дури 6 часа подоцна СЈО објави демант, кој и самиот, според него, е проблематичен:

Ако внимателно се чита ‘демантот’, во него се посочува на мерки за заштита на материјали, документи и докази.

‘Демантот’ не се осврнува директно на делот од текстот на ‘360 Степени’ дека со ‘форензичкото бришење’ неповратно ќе се избришат податоците за тоа на кој компјутер, во кое време, од кое лице, што било работено.

Ако и на вработените во ИТ-секторот сега им е појасно што, всушност, било побарано од нив, а можеби не биле свесни за тоа, тогаш навистина јавниот аларм од загрижени вработени во СЈО ја завршил својата работа“, пишува Попетревски во реакцијата.

Тој упати порака и до читателите чии реакции ги доведуваат во прашање кредибилитетот и веродостојноста на „360 Степени“:

…слични реакции читавме и слушавме и кога објавивме за поплавата во просториите на СЈО во која беа уништени докази за неколку предмети, вклучувајќи го и ‘Империја’.

Истите тие што сега со потсмев, цинизам и иронија реагираат на веста за наредбата за ‘чистење’ на компјутерите, нека си ги прочитаат постовите на ‘Твитер’ и ‘Фејсбук’ од 11 и 12 март 2019 г. и нека ги споредат со се што се случи со и околу ‘Империја’ подоцна.

За волја на вистината, СЈО тогаш дури и ја потврди ‘пукнатата цевка’“, завршува уредникот на „360 степени“.

 

- Реклама -