Овој уред им помага на луѓето со оштетен вид да можат да ја преминат улицата и да се справат со сообраќајниот метеж или кога ќе се најдат меѓу голем број луѓе во големите трговски центри и пазари. Ваквите ситуации се ноќна мора за луѓето со оштетен вид.
Знаејќи за нивните проблеми и маки, Нелсон Ејл (Nelson Ayale) развил производ кој ќе им помогне на овие луѓе мората да ја снема, а ваквите ситуации да им станат дури забавни. SUAM или Sistema de Universal Apoyo a la Movilidad (универзален уред за подобра мобилност) е технолошки уред кој ќе им помогне на слепите и слабовидните да се движат низ места како што се железнички станици, аеродроми и други места, без помош од друга личност и тоа на многу безбеден начин. Уредот работи така што влезните сигнали од ултрацрвениот емитер се претвораат во тонски, аудиопораки. Овие аудиопораки потоа се праќаат на преносен уред кој корисникот го носи со себе на увото како слушалка. Пораката го кажува името, комерцијалната природа на работата која ја врши и положбата на одредениот објект. На пример: продавница за чевли, самопослуга за играчки итн.
Кога корисникот ќе го притисне копчето кое се наоѓа на средина, уредот стартува со скенирање на околината и од најблискиот инфрацрвен предавател на сигнали добива информации. За да може да се користи овој уред, треба да има такви предаватели поставени во продавниците, пазарите, трговските центри и други места, нешто слично како што се поставени посебни рампи и пристапи за инвалиди. По приемот на сигналот, тој се претвара во аудиопорака и корисникот знае каде се наоѓа создавајќи си во мозокот ментална слика на ситуацијата и релативно лесно се движи. Уредот е одлично дизајниран со анатомска структура и осигурува максимална удобност.
Иако SUAM навигацискиот уред може да им биде од голема помош на оние кои имаат проблем со видот, останува времето да покаже колку тој ќе биде прифатен од овие луѓе. Инаку ова е само еден од ваквите помошни уреди, се разбира дека постојат и други уреди со кои техниката ѝ помага на природата.
Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР