Уплавот наречен „жолти елеци“ се прелева и во Египет

Флуоросцентните рефлективни елеци станаа заштитен знак на демонстрантите во Франција, а со гласното присуство во светската јавност полека но сигурно стануваат и симбол на отпорот и револуцијата, но истовремено и на стравот на владите од незадоволството на своите граѓани.

Во страв дека може да им се случи копија на тоа што се случува во Франција со „жолтите елеци“, на продавниците што продаваат безбедносна опрема властите во Египет им наложиле да им продаваат елеци само на верификувани компании кои имаат полициска дозвола, но не и на обични купувачи.

Како што пренесува „Асошиејтед прес“, во Каиро веќе шест компании кои продаваат таква опрема престанале да ги продаваат елеците. Додека две од нив одбиваат да ги коментираат причините, другите четири велат дека тоа било побарано од нив од полицијата, која пак одговорила дека таквата мерка ја спроведува по наредба.

„Жолтите елеци“ ја претворија Франција во хаос поради зголемувањето на данокот на горивото и перцепцијата дека се работи во полза на елитите, додека причина за стравот во Египет е годишнината од популарниот бунт во 2011 година, кога беше срушен од власта поранешниот диктатор Хосни Мубарак. Во годините оттогаш наваму, египетските власти на сите можни начини го пригушуваат незадоволството, практично забранувајќи протести и зголемувајќи ги безбедносните мерки на улиците секоја година во периодот пред и околу „ризичниот“ 25 јануари.

Медиумската покриеност на француските протести на „жолтите елеци“ во египетските медиуми практично го отсликува ставот на властите – а тоа е дека протестите значат хаос и дека е потребна „цврста рака“ за да се осигура безбедноста.

 

Според Негад Бораи – адвокат за човекови права од Каиро, власта во Египет дури размислува и да ги одложи планираните зголемувања на цените – за следната година, сé поради стравот од протести инспирирани од тие во Франција.

 

- Реклама -