Можат ли компаниите да конкурираат на денешниот пазар без лидер во форма на директор? Многумина веднаш ќе се истрчаат дека без „главатар“ ништо не бидува, ама не и вработените на шведската софтверска компанија Crisp.
Тие немаат шеф. Никој никому не наредува што треба да се работи, а кога треба нешто да се одлучува, одлучуваат сите 40 вработени на заеднички состанок.
Токму тоа и ја прослави компанијата – немањето на хиерархија. А не дека не поминала низ таквите вообичаени организациски структури, вклучувајќи ја и класичната, во која едно лице надгледува сé. На почетокот, извршен директор се бирал на годишно ниво, но на крајот, сепак, 40-те вработени решиле дека е подобро сите одлуки да ги донесуваат во група.
Како се казнуваат грешките и кој е одговорен?
По сите правила, кога ја нема мачката, глувците би требало да играат оро. Но во случајот со Crips, токму отсуството на „мачката“ ги мотивира работниците на повеќе заложување и преземање одговорност. Дури и кога ќе дојде до грешка, секој го изразува своето мислење, и на колегата што згрешил убаво му се објаснува зошто некој друг потег би бил подобар во дадениот момент.
Оваа уникатна шведска компанија е како семејство – никој никому не му наредува што треба да прави, но ни не се толерира кога некој нешто ќе „забрља“, без да се известат и останатите.
Два до три пати годишно се одржуваат четиридневни состаноци, на кои се одлучува по прашања кои го засегаат секој од вработените. Така и со менувањето позиции во компанијата.
Засега експериментот се одвива одлично, а организацискиот тренер Хенрик Книберг вели дека тоа што не мора да се прашува некој шеф за одобрување на проекти и буџет, води кон побрзо работење на компанијата, а и побрза и подобра комуникација со клиентите.
И вработените се многу посреќни отколку кога би работеле во класична компанија, а за тоа се доказ и редовните анкети за задоволството на персоналот, кои обично поминуваат со просечна оценка 4.1/5. Ретко која компанија може да се пофали со таков скор.