На саемот за современ мебел во Њујорк беа претставени доста идеи, направени од рециклирани материјали.
Едни од најинтересните примери оваа година се делата на студиото за внатрешен дизајн Urbanite Home.
Нивната колекција од столици и маси во светли бои е направена од буриња за нафта, пишува Tree Hugger.
Дизајнерот Фил Дејвидсон вели дека почнал да работи со буриња, откако дознал од својот брат дека во нивната област тие не се рециклираат. Така Дејвидсон почнал да ги собира. Од дизајнерското студио ги чистат остатоците во внатрешноста, кои потоа се преработуваат во црвен дизел за земјоделска употреба.
Откако ќе бидат исчистени, бурињата се сечат во нови форми за изработка на мебел, а останатите помали парчиња од нив се рециклираат.
Дополнителните украси се изработуваат од рециклиран мек челик. Потоа се бојадисуваат, а сите материјали во иднина можат повторно да бидат рециклирани. Овие парчиња се доста издржливи и се погодни за употреба како за затворен, така и на отворен простор.
Колекцијата од мебел на Urbanite Home нуди прилично широк спектар на помошни маси, кафе маси и различни столови.