Со 130 гласови „за“, 52 „против“ и еден воздржан, и покрај жестоките негодувања на опозицијата која го блокираше пристапот до говорницата и го попречуваше гласањето со свирчиња и сирени, унгарскиот парламент ги одобри амандманите на Законот за работа за пофлексибилно работно време. Со тоа, Законот за работа преминува директно во корист на работодавачите, а на штета на работниците, и прераснува во „робовладетелски закон“ т.е. „закон за робови“, тврдат опозицијата, синдикатите и голем дел од унгарската јавност.
Гласањето за амандманите на кратко беше прекинато и кога припадниците на опозицијата ја пееја националната химна.
Со измените во Законот за работа, на работниците, наместо досегашните 250, им е дозволено да имаат и до 400 прекувремени работни часа годишно.
Измените исто така го продолжуваат и рокот – од една на три години – за исплата на прекувремената работа, а на работодавачите им овозможуваат околу прекувремената работа да се договараат директно со работниците, со колективен договор и без вклучување на синдикатите во преговорите.
Противниците велат дека законот е резултат на притисокот од германските автопроизводители, кои имаат недостаток од работна сила во земјата. Владата вели дека флексибилноста на работната сила е потребна за да се задоволат потребите на инвеститорите, како и на германските производители на автомобили, кои го помагаат економскиот раст на Унгарија. Но, исто така, велат од владата, измените ќе им овозможат на работниците што сакаат да заработат повеќе, и повеќе да работат.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој беше присутен на расправата, но молчешкум ги следеше опструкциите од противниците на законот, изрази задоволство од гласањето, оценувајќи дека станува збор за „важен и добар закон“, додавајќи дека владата е на страната на работниците.
Опозиционите партии гласањето го сметаат за неважечко, по процедурална основа. Десничарската партија Јобик најави и протест, а побара и унгарскиот претседател Јанош Адер да не го потпишува законот.
За потсетување, партијата на Орбан – ФИДЕС, има двотретинско мнозинство во парламентот.