Унгарија ќе продолжи да го поддржува вашето забрзано интегрирање во ЕУ, му порачал Сијарто на Муцунски во Будимпешта

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија за време на средбата со својот унгарски колега се заблагодарил за целокупната поддршка од Унгарија – за најавениот заем од половина милијарда евра, како и помошта при справување со пожарите

Со порака оти проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан ќе донесе нова енергија во Унијата, унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто на средбата со својот македонски колега Тимчо Муцунски нагласил оти Унгарија ќе продолжи да го поддржува забрзаното интегрирање на земјава.

Од средбата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со својот унгарски колега Петер Сијарто / Фото: МНР

Сијарто изразил недвосмислена поддршка за евроинтеграциите на земјава, собено за време на унгарското претседавање со Унијата, но и во иднина.

Министерот Муцунски за време на средбата со Сијарто во Будимпешта се заблагодарил за целокупната поддршка од Унгарија – за најавениот заем од половина милијарда евра, како и помошта при справување со пожарите. Дополнително, го информирал својот унгарски колега за новите надлежности на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, структурирано слично на унгарското министерството со кое тој раководи.

„На средбата беше нагласена важноста на пријателството меѓу двете земји изградено врз основа на меѓусебна доверба и поддршка, како во мултилатералните односи, така и во економската соработка, која ќе продолжи да се развива и продлабочува во иднина, со посебен акцент на поддршка на постојните и поттикнување нови инвестиции“,

информираат преку писмено соопштение од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Од средбата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со својот унгарски колега Петер Сијарто / Фото: МНР

За време на својата прва посета на Унгарија од стапувањето на функцијата, освен со Сијарто, Муцунски се сретнал и со Иштван Јакаб, заменик-претседател на Националното собрание на Унгарија и претседател на Групата за пријателство на Унгарија со земјите од Југоисточна Европа. Во фокусот биле можностите за продлабочување на соработката во образованието, земјоделството и туризмот.

- Реклама -