Италијанското оперско пеење е додадено на листата на Агенцијата за култура на ОН (УНЕСКО) како признание за „жива уметничка форма“.
Италијанската опера се развила во доцните 1500-ти во Фиренца и оттогаш произлегле многу светски познати композитори како Клаудио Монтеверди, Антонио Вивалди, Џоакино Росини и Џузепе Верди.
Од УНЕСКО соопштија дека италијанското оперско пеење добило место на листата на нематеријално културно наследство, приклучувајќи се на други италијански практики како што е уметноста на правење пица.
Во соопштението, од УНЕСКО велат: „Италијанското оперско пеење е физиолошки контролиран начин на пеење што ја подобрува носечката моќ на гласот во акустичните простори како што се аудиториуми, амфитеатри, арени и цркви.
УНЕСКО ја опиша операта како „средство за слободно изразување и меѓугенерациски дијалог“, со нејзината културна вредност која е „признаена на национално и меѓународно ниво“.
Италијанскиот министер за култура, Џенаро Санџулијано, изјави дека оваа одлука е „нешто историско и претставува големо признание за ова прекрасното пеење.’’
Беатрис Венези, музички советник на министерот за култура,изјави дека вклучувањето на листата на УНЕСКО „е гордост за нас како оперска заедница и како Италијанци – оваа жива уметничка форма е основен столб на нашата култура“.
За прва опера во Италија се смета ,,Дафне’’ на Јакопо Пери, изведена во Фиренца во 1598 година за дворот на семејството Медичи.
Верди беше најголемиот италијански композитор во 19 век, кој ги создаде најпознатите опери во светот вклучиувајќи ги Риголето, Травијата и Отело.
Други италијански практики кои сакаат да се најдат на листатата на нематеријално културно наследство се тенорското пеење од Сардинија, уметноста на медитеранската исхрана и уметноста со стаклени монистри. Обидот да се најде италијанско еспресо кафе на листата минатата година беше отфрлен од италијанската комисија на УНЕСКО.
,,Колдирети”, најголемото земјоделско здружение во Италија, сега се залага за италијанското готвење да биде следниот кандидат на земјата за оваа листа. „Италијанското угостителство е најраспространето и најценето во светот“, велат од здружението, а во САД се наоѓаат најголемиот број италијански ресторани надвор од Италија.