Умре турски фудбалер по тренинг

Нова смрт на фудбалските терени се случи во Турција, каде што почина фудбалерот на Ескишехиспор, Едис Бахтијароглу.

Тој во вторникот навечер починал од срцев удар во својот дом, откако се вратил од тренингот со својата екипа. Бахтијароглу паднал во бесознание брзо откако пристигнал дома, а брзата помош стигнала предоцна за да му помогне.

„Немаше тежок тренинг таа вечер. Причините за смртта ќе бидат познати по аутопсијата“, изјави клупскиот доктор на турскиот клуб.

Турската фудбалска федерација побара дозвола од ФИФА на претстојниот квалификациски натпревар со Холандија нивната фудбалска селекција да носи црни ленти на ракавите во знак на жалост.

Инаку, Едис Бахтијароглу е фудбалер кој потекнува од БиХ, во минатото се викаше Едис Бахтијаревиќ, но го промени своето име откако го прифати турското државјанство.

- Реклама -