Уметничко е новото медицина

art_school

Помина времето кога твоите беа спремни да те избркаат од дома ако сакаш да се запишеш во уметничко. Не? Е па крајно време е. Денешните и идните родители што си ги сакаат своите деца треба сериозно да размислат да ги насочат кон уметност и креативност уште од мали нозе –  во спротивно, веројатно е дека ќе бидат соочени со грубо освестување некаде во претстојните декади на радикални промени во работењето и вработувањето. Ова особено важи за оние родители кои ги буцкаат своите деца да станат новата генерација на работници во време за кое многу видни економисти и футуристи предвидуваат дека ќе биде првото пост-работно општество.

Идејата за свет без работа можеби се чини радикална, но предвидувањата се базирани пред сé на природната траекторија на „креативната деструкција“ – класичен економски принцип, според кој воспоставените индустрии се десеткувани и стануваат ирелевантни кога ќе се појави нова технологија.

Краток пример: Кога последен пат си отишол до локалната музичка продавница за да го купиш новиот сингл на омилениот музичар? Пред многу сонца и месечини, партитурите беа она што денес е музичка индустрија, а единствениот начин да се слушне популарна музика беше да најдеш музичар што ќе ги прочита и отсвири. Таквата состојба брзо еродираше кога се појави фонографот, а винилот беше тој што целиот крај на векот го помина седејќи на тронот. Сега имаме сосема нова ситуација – независно онлајн музичко издаваштво, во кое нема место за грамофони, плочи, касети или компакт дискови.

Тешко е да се оправда користење на масивна работна сила од сниматели, производители на медија, дистрибутери и скаути на таленти, само за да се заврши одредена задача што денес секој музичар може да ја заврши за едно попладне, седејќи на својот лаптоп. Истото важи и за милионите обучени работници во разни производствени процеси, процеси кои наскоро ќе бидат преплавени со технологија за 3D печатење; истото важи и за илјадниците продавници и продавачи кои наскоро ќе бидат заменети со автоматизирани системи на испорака; истото важи и за транспортните индустрии и туризмот, кои наскоро ќе бидат истуркани од пазарот од софтвер или апликации од типот на Airbnb или Uber.

***

Не си чул за „3D printing“, „ridesharing“ или за „post-work“ теоријата? Ништо страшно, можеш веднаш да ги изгуглаш. Што нé носи до Google, сервисот кој самиот концепт на знаењето го претвори во ресурс што е достапен насекаде, за разлика од порано кога беше привилегија. Кога секој може  инстантно да пристапи кон најголемата светска библиотека на знаење од неговиот смартфон, дури и вечно почитуваната вештина наречена „знаење“ ја губи својата маркетабилност.

Нормално е помислата – дека децата ќе ти растат во свет во кој „само“ со напорна работа и знаење ќе биде тешко да најдат работа – да те плаши, но има решение. Решението не е во глобален бојкот на технологијата и напредокот; решението лежи во една особина што е уникатна за луѓето и не може да биде имитирана од некој си робот – креативноста.

Запиши си ги децата во уметничко. Наголемо инвестирај време и ресурси во развивање на нивната креативна писменост. Направи го ова и тие ќе имаат шанса да се изборат за работа и исполнет живот во време кога другите човечки способности ќе станат ирелевантни.

Да погодам, секој возрасен што го чита ова го има насочувано своето дете да изучува предмет што ќе го одведе директно во соодветното професионално и кариерно поле. Дури и оние родители што не сакаа да им ги одземат креативните аспирации на своите деца, ги советуваа да ја изберат уметноста како алтернатива и примарно да дипломираат во некое практично поле, за во случај работите (уметноста/филозофијата/театарот/поезијата) да тргнат на лошо. Што и не е така погрешно, со оглед на времето и реалноста во која расте и живее нашата младина. Да, уметничката едукација ветува живот со себепронаоѓање, ама науката, медицината, економијата и правото беа тие што гарантираа финансиска стабилност. Според сите очекувања, таквата динамика нема да трае уште долго. Сé повеќе физички и ментални задачи што досега ги извршуваа луѓе, во иднина ќе бидат преземени од машини и софтвер.

Не дека било кое поле на студии е неважно. Свет без научници, доктори и учители ќе биде подеднакво фаличен како и светот без уметници. Без програмери и инженери, ќе исчезнат самите технологии што го прават денешниот живот ефикасен. Но, со изобилството на информација и онлајн алатки кои се бесплатно достапни за цела една генерација од млади деца опремени со компјутери уште од најрана возраст, безбедно е да се типува дека тие што сакаат да бидат во тек со „знаењето“ ќе немаат многу проблеми во изучувањето на било кое поле, дури и без да имаат диплома. Истото важи и за било која друга прагматска вештина.

Уметностите, од друга страна, се тотална спротивност на прагматизмот. Во денешно време, дури и одлуките на просечниот човек, оној што не е заинтересиран за уметноста како таква, се базираат во најголем дел на естетиката, дури и кога се работи за практични нешта како облека, дом или автомобил. Нашата желба да платиме повеќе за поубава облека, за поубав дом или за поубав автомобил е мотивирана не од фунционалноста, туку од емоционалноста.

Човечки „до коска“ е да сакаме предметите во нашите животи да комуницираат чувства и идеи до нас и за нас. Константната потрага по значење и константното доделување на значења на предметите се дел од секој човек, но уметникот се разликува по тоа што редовно го вежба овој „мускул“ и го поседува знаењето како да го контролира. Креативно писмениот човек подразбира основно познавање на менталните, емоционалните и социолошките алатки
потребни за креативна мисла и комуникација, и е способен да најде и додели значење, наместо да чека да му биде покажано и наметнато. Студентот по сликарство е способен да види проблеми, конекции и решенија таму каде што другите гледаат некаква си убава уметничка слика. Оваа способност се протега и  генерално, и на други полиња во животот.

Ваквиот заклучок не е ништо ново. Уметничките поборници со векови наназад се обидуваат да го потенцираат квалитетот и потенцијалот на слободните уметности, но тешко им одеше тоа да го направат во една главно индустриска ера. Сега, кога потребата на индустриите од работници полека почнува да опаѓа, излегува на виделина фактот дека професорите по уметност имале право. Всушност, кога подобро ќе се размисли, чудно е што на таквата идеја воопшто сме гледале со скептицизам. Дури и од најстари времиња, најдобро платените работници секогаш биле оние што со својата иновативност и креативност создавале можност за другите да работат. Хинт: Стив Џобс не беше милијардер затоа што знаеше да програмира.

Се разбира, историјата е полна со безбројни приказни за исклучително креативни поединци изгубени во систематската мрежа на работење за Стив Џобс и сличните на него. Речиси секој од нас познава по некој брилијантен човек чиј потенцијал е скршен од просечното работење од понеделник до петок/сабота, од 9.00 до 17.00 часот, откако неговата креативна работа ќе заврши одбиена од филмската/музичката/издавачката/билокаквата индустрија. Меѓутоа, изговорот дека некој бил „пред своето време“, денес престанува да важи. Денес живееме во време кога некој што зборува во веб-камера може колективно да собере стотици илјади долари само со тоа што ќе им ја соопшти идејата на луѓето на Интернет (Kickstarter, на пример). „Вратарите“  во иновативните полиња, кои бираа кого да пуштат, а кого не, се во фаза на исчезнување. Единствената преостаната пречка за човештвото е потенцијалниот недостиг од добри идеи. Недостиг чии шанси за постоење ќе се сведат на минимум, ако човештвото се фокусира на развивање на својата креативност (макар што засега добро му оди).

Време е за револуција во образованието, револуција која ќе ја рефлектира нашата нова реалност и ќе ги снабди младите со неопходните алатки за преживување во новиот свет. На пример, технолошките напредоци секогаш ќе бидат побрзи од понудата на традиционалното образование, што го прави бесмислено сето тоа учење и стекнување на знаења кои веќе се ирелевантни во моментот кога студентот дипломира. Наместо таквото образование, на младиот човек му се потребни вештини што гарантираат адаптибилност и снаодливост во времиња на постојана (и брза) промена.

***

Оставете ги децата да ги следат своите интереси и тие ќе го најдат патот до секоја од областите на изучување, како дел од истражувачкиот процес. Оставете го детето што е заљубено во противпожарни камиони да продолжи со својата опсесија за противпожарни камиони. Со соодветно насочување, тоа наскоро ќе се најде во ситуација да изучува цивилно право, инженерство, историја, физика, хемија, социологија, економија или нешто измеѓу – сето тоа како резултат на прашањата што се изродиле од едноставна естетска љубов кон убавиот црвен противпожарен камион.

Ниту едно дете не е родено без внатрешно чувство на чудење за својот свет. Сепак, овој стремеж за истражување е често пресечен уште додека е младо гранче, најчесто од родители кај кои преовладува стравот од минатото. Традицијата на обесхрабрување на невообичаените интереси и однесување кај децата е толку силна, што денес сме во ситуација луѓето кои преживеале и успеале благодарение на тоа што ја зачувале својата неоштетена креативност, да ги гледаме како натприродно и натчовечки „надарени“.

Промената што ќе ја осигура иднината на вашите деца ќе се случи кога ние, како човештво, ќе ја соголиме креативноста од нејзиниот мистериозен, „вонземски“ статус. Уметниците не се магични генијалци. Тие се просто луѓе што биле или доволно привилегирани или доволно тврдоглави да го задржат она што на секое родено дете му е дадено како „дарба“ уште при раѓање. Замислете го тоа вака: вашето дете има безграничен креативен потенцијал, а ваша задача е да го негувате уште од самиот старт. Иновативноста што вашето дете ја поседува е единствената безбедносна мрежа што може да го спречи падот во времиња на брзи промени. Запишете го детето во уметничко и ќе го наоружате со токму она што му е потребно за да стане сé што ќе сака или ќе треба да стане. Купишта уметници го потврдуваат ова, од искуство.

- Реклама -