Оние што патувале во Куба се враќаат просветлени од огромното количество на таленти што го поседуваат Кубанците.
Сите знаеме за нивната страст кон танцувањето и музиката, но нивната љубов кон ликовната уметност е не помалку важна. Кубанската уметност е препознатлива по своите силни, топли бои и бројни уникатни стилови.
За време на моето патување до Куба го открив постоењето на овие таленти секаде каде што одам. Многу од сликите беа со вообичаените сцени – стари американски автомобили на типична кубанскa позадина. Барем јас мислев така, додека не пристигнав во Сиенфуегос.
Градот, како и другите постколониални градови, има романтична атмосфера, барем во очите на странецот. Тоа е и едно од моите топ 10 места кои треба да се посетат во Куба . Паркот “Хозе Марти” е срцето на Сиенфуегос и околу него ќе ги најдете најинтересните продавници за сувенири и слики.
Во оној жежок јануарски ден застанавме за брзо освежување со пина колада во барот “Ел Палатино”. Барот беше преполн, клиентелата од локални и туристи беше во подигнато расположение, главно поради музичката група што свиреше кубански песни.
Подоцна го открив точно до овој популарен бар, кубанскиот еквивалент на пештерата на Аладин. Налетав на артистична продавница за сувенири и на една вселена од бои кои не сум ни замислувала дека можат да постојат. Заплетот на овие рачно насликани слики беше толку динамичен, а стиловите на уметниците толку различни што долго стоев пред нив без зборови и со восхит.
Ми се допаѓа наивноста на овие слики, играњето со уметничките стилови и автентичниот ентузијазам што се емитува на платната. Повеќето од уметниците се обични луѓе кои едноставно се обидуваат да заработат екстра пари, малкумина се познати имиња, па изгледа дека Кубанците го носат уметничкиот талент (на истиот начин како и со танцувањето) длабоко во гените.
Ова не би требало да е изненадување, но за мене беше. Огромното наследство на Кубанците ги собира во себе африканската, европската и американската култура и создава мешавина која не може да се спореди со ниедна друга и е многу лесно препознатлива.
Уметноста во Куба е спонзорирана од државата, што значи дека е ограничена и цензурирана, но сепак, од 80-тите години се чувствува нова промена, која им овозможува на кубанските уметници да се искажат послободно. Очекувам дека со неодамнешните промени во политичката атмосфера и отворањето на земјата кон светот, кубанската уметност ќе стане уште поразнолика, посмела и привлечнa за очите.
Училиштата по уметности во Куба се бесплатни и децата се обучуваат од најрана возраст.
И покрај овие државно-диригирани можности во земјата има голем број на само-уметници кои продолжуваат да работат и да ја произведуваат таа “аматерска” уметност што лично ја обожавам, а истата често е нарекувана и “туристичка уметност”. Една слика носи радост, насмевка, сон во душата и токму тоа е она што јас го чувствувам кога ги гледам овие слики. Не се доволно суптилни? За мене се. Ќе го парафразирам познатиот цитат “Малото е убаво” и ќе кажам дека за мене “едноставното е убаво”.
Ако имате шанса да патувате до Куба и да отидете во Сиенфуегос, посетете ги продавниците за сувенири околу паркот Хозе Марти, купете слика, ако ви се допадне некоја помогнете им на локалните уметници да продолжат да создаваат дела и донесете дома кубанска слика светла како сонцето, која ќе го загрее вашиот дом дури и во мрачните и студени зимски денови.
Автор: Г.Владева