Амбасадорот на Европската Унија во Македонија – Самуел Жбогар и градоначалникот на Општина Чаир – Висар Ганиу, денеска симболично ја прогласија „Јорганџиската улица“ во Старата скопска чаршија за „Европска улица“.
Инаугурацијата е во чест на еден пријателски гест за време на последната посета по повод поддршка на референдумот на високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика – Федерика Могерини, во Скопје на 13 септември, кога при прошетката низ Старата чаршија со премиерот Зоран Заев, доби неочекуван подарок од златарот Селајдин Асани – филигрански брош во форма на пеперутка.
Според Жбогар, овој симболичен подарок, освен што ја покажува великодушноста на самите граѓани на Старата чаршија, како и уметноста и вештините кои се негуваат во чаршијата, е и убав повод да се заокружи целата година, во која евидентна била посветеноста на владата кон решавање на проблемите, но и кон имплементација на започнатите реформи.
„Од страна на Европската Унија, ние повторно ја потврдуваме нашата посветеност да се ангажираме во понатамошната имплементанција на реформите, како и за отворање преговори следната година, се разбира под услов реформите во земјата да продолжат“, порача тој. „Можеме да видиме дека еден мал гест може да придонесе кон случување на поголеми процеси. Јас, но и сите ние веруваме дека ако почнеме реформа по реформа, улица по улица, Европската Унија ќе дојде и во Скопје и во вашата земја“.
Преку евроамбасадорот Жбогар, во знак на благодарност, Могерини му испратила и благодарница на златарот, која тој ја прифати со благодарност, порачувајќи дека е среќен што го направил гестот.
Чаирскиот градоначалник, од своја страна, изјави дека смета дека местото како држава ни е во Европската Унија и со сите народи под еден чадор, па затоа ќе предложи не само симболично, туку улицата и официјално да биде преименувана во „Европска улица“.
За „европскиот“ амбиент на „Јорганџиска“, денес придонесоа и украсните чадори со натписи „ЕУ за ТЕБЕ“.