Оваа есен, 75 пијана ќе бидат инсталирани на јавни локации во Бостон, Бруклајн, Кембриџ и Сомервил, а ќе бидат достапни за секој што ќе посака да свири.
Инсталацијата наречена „Street Pianos Boston: Play Me I’m Yours“ е дело на британскиот уметник Лук Џерам, а е по повод 75-тите Бостонски „Celebrity Series“, кои вклучуваат гостувања на оркестри, ансамбли, вокалисти, пијанисти, џез музичари, танцови друштва и други музички изведувачи во концертните сали на Бостон. Оваа манифестација датира од 1938-та година, а била основана од пијанистот Арон Ричмонд.
Пијаната во Бостон ќе бидат инсталирани на 27-ми Септември. Локални артисти и неколку друштва на локалната заедница ќе учествуваат во нивното украсување. Програмата вклучува и неколку соло настапи.
Јавната артистичка инсталација „Play Me I’m Yours“ го обиколува светот уште од 2008-та. Досега биле инсталирани 1000 пијана, допирајќи до повеќе од 4 милиони луѓе, во 37 градови низ светот.