Украина уништи стратешки важен мост во регионот Курск, тврдат локалните руски власти

Уништувањето на мостот, како што наведува британскиот национален сервис, може да му создаде проблеми на Кремљ, кој го користел мостот за снабдување на својата војска во оваа област

Украинските сили уништиле стратешки важен мост на реката Сејм додека продолжуваат со офанзивата во руската област Курск, пренесува Би-би-си. 

Принтскрин од видео кое наводно го покажува моментот на нападот и уништувањето на мостот на реката Сејм

Руски официјални претставници цитирани од тамошните медиуми изјавиле дека во операцијата на украинската војска во близина на градот Глушково бил отсечен дел од округот. 

Уништувањето на мостот, како што наведува британскиот национален сервис, може да му создаде проблеми на Кремљ, кој го користел мостот за снабдување на својата војска во оваа област.

„Како резултат на напад од украинска страна, уништен е патен мост преку реката Сејм во областа Глушково“,

напишал вечерва на Телеграм гувернерот на Курск, Алексеј Смирнов, без да наведе повеќе детали, пренесува „Политико.еу“.

Руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на локален службеник од безбедносните служби, пренесе дека во случајот е отежната и евакуацијата на населението од реонот Глушково, каде живеат околу 20 000 луѓе.  

„Потврдуваме дека непријателот го нападнал мостот преку реката Сејм. Дел од реонот Глушково сега е отсечен за евакуација по копно“,

изјавил локалниот службеник. 

Повеќе од 120 000 луѓе досега се евакуирани од областа Курск, откако Киев ја почна ненадејната операција во овој руски регион во близина на границата, заземајќи делови од неговата територија.  

Сепак, како што денеска изјави Михаил Подољак, високиот помошник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Украина не сака да ги окупира руските територии, туку целта на офанзивата е да ја натера Москва да седне на преговарачка маса, на која би се разговарало под фер услови.  

„Украина не е заинтересирана за окупација на руски територии. Во регионот Курск, можеме јасно да видиме како објективно се користи воената алатка за да се убеди Русија да влезе во фер преговарачки процес“,

напиша Подољак на „Икс“.
 

Како што продолжува напредувањето на Украина, официјални лица во рускиот регион Белгород, кој се граничи со Украина, велат дека од понеделник ќе почнат со евакуација на уште пет села од овој регион.   

„Од 19 август, го затвораме пристапот до пет населени места, ги евакуираме жителите и им помагаме да го изнесат својот имот“,

напиша гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков на Телеграм, наведувајќи ги малите села во близина на границата.  

Но, како што украинската војска се движи понатаму кон западната руска територија, руските сили подеднакво остваруваат придобивки заземајќи градови и населени места на истокот на Украина.  

остваруваат придобивки на истокот на Украина. 

Денеска, официјална Москва соопшти дека нејзините трупи го зазеле Серхиивка, последниот во низата градови кои се најдоа под контрола на руската војска во последните неколку недели.   

Овие придобивки ја приближуваат руската војска до градот Покровск, кој важи за витален логистички центар што се наоѓа на главниот пат за снабдување на украинските сили долж источниот фронт. 

- Реклама -