Украдените капаци открија кражби на струја: Дебарчани се поврзувале на уличните бандери

По појавата на кражби и оштетувања на сообрајќајни знаци и на капаци од столбови од уличното осветлување, локалната власт на Дебар откри уште една негативна појава, нелегално поврзување на мрежата на уличното осветлување.

„Нашите служби почнаа со контрола на мрежата на уличното осветлување и веќе открија нелегално поврзување во истата. Проверките ќе продолжат редовно и сите такви дејствија ќе бидат пријавени за преземање понатамошни дејствија против овие лица“, велат од општината.

Оваа контролна активност почна откако фактурите за потрошена електрична нергија почнаа нагло да растат, па во еден период поради ненамирени фактури делови од градот останаа без улично осветлување.

Како што претходно информираа од општината, деновиве зачестена е појава на кражба и оштетување на сообрајќајните знаци и капаците на столбовите од јавното осветлување.

„Случаите ќе бидат изнесени до надлежните органи и се надеваме дека сторителите што поскоро ќе бидат откриени и ќе ја добијат заслужената казна“, додаваат од општината.

МИА

- Реклама -