Исчезната е бистата на македонскиот поет Славко Јаневски на кејот на реката Црн Дрим во Струга, а на Ацо Шопов и Сергеј Есенин видливо расклатени во обид да се откорнат од постаментите, соопшти денеска националната установа „Струшки вечери на поезијата“.
Според информацијата, вандалскиот чин бил забележан вчера во вообичаена проверка на алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим. Кражбата била пријавена во Полициската станица Струга од директорот на СВП, Тодорче Тасевски.
„Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славкко Јаневски, како и обидот за кражба на бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови“, информираат од СВП.
Апелираат граѓаните и сите почитувачи на поезијата да помогнат со информации во однос на сторителите и пронаоѓањето на бистата.
„Ваквите вандалски чинови ќе треба да се оневозможат во иднина со заеднички напори на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Општина Струга и МВР преку засилени мерки на обезбедување на оваа вообичаено фреквентна локација, како и со организирање кампањи за подигање на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата“, додаваат во соопштението.
Општина Струга исто така го осуди вандалскиот чин за крадење на бистата на поетот Славко Јаневски од алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим.
„Општина Струга остро реагира на овој злонамерен чин и ги повикуваме надлежните органи да преземат мерки за пронаоѓање на бистата, но и на сторителите на вандалското однесување. Воедно, апелираме и до стружани доколку имаат некаква информација да пријават во општината или во Полициската станица во Струга“, стои во реакцијата на Општина Струга.
Струга, како што е наведено, е мултиетнички, мултикултурен и мултирелигиски град, а кохезијата што владее меѓу сите граѓани, без разлики, е уникатен пример за тоа како граѓаните содејствуваат и живеат заедно, на високо ниво на толеранција и разбирање во многу сфери од секојдневниот живот.
„Затоа, најостро го осудуваме ова дејствие и ќе преземеме мерки за што поскоро решавање на овој проблем и нема да дозволиме да постанеме жртви на вакви провокации за уништување на меѓуетничките односи во Струга“, додадваат од Општината.
СВР Охрид соопшти дека вчера во 14 часот и 40 минути во ОВР Струга било пријавено дека во периодот од 12 април до 12 часот на 19 истиот месец, била одземена биста на Славко Јаневски. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Сличен вандалски чин се случи и на 1 октомври 2021 година, кога бистата на познатиот македонски поет Анте Поповски беше откорната од постаментот и фрлена во водите на Охридското Езеро, а бистата на Јаневски беше оштетена и свртена наопаку на постаментот.
Извор: МИА