По жалба на одбраната на дедото на малата Тамара Димовска – кој пукаше во екс-министерот за здравство – Никола Тодоров, во знак на одмазда за смртта на неговата внука во 2015 година додека чекаше да биде испратена на операција на рбетот во странство, Апелација одлучи да ја укине затворската казна од 7.5 години која на Љупчо Стојановски му беше досудена за делото обид за убиство.
„Пресудата (на Кривичниот суд) е недоволно јасна и разбирлива, а во образложението не се содржани доволно причини за решителните факти во однос на постоењето на предметното кривично дело и кривичната одговорност на страна на обвинетиот“, пишува во одлуката на Апелација.
Апелациониот суд одлучи да има повторено судење и даде прецизни упатства по кои ќе треба да се постапува.
Како што објаснува адвокатката на Стојановски – Павлина Зефиќ, за Фокус.мк, одбраната и при првото судење барала да се направи надворешно балистичко вештачење, кое не било направено. Тоа сега го бара и Апелација, бидејќи материјалните докази, како и местото на најдената чаура, не се поклопуваат со изјавите на Тодоров и неговиот телохранител. Ова вештачење е клучно, објаснува Зефиќ, за да се одговори дали дедото на Тамара навистина нишанел кон Тодоров со цел да го убие – и треба да биде осуден за „обид за убиство“, или пукал само за да го исплаши.
Подетално на Фокус.мк.