Укината самоизолацијата за лицата што потпишале изјава и лицата што излегле од државен карантин со негативен ПЦР тест

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), по барање на Главниот координативен кризен штаб, доцна синоќа ги поништи сите свои решенија за периодот од 13 до 25 јуни за лица под здравствен надзор и домашна изолација, вклучително и за лицата кои со решение се во домашна изолација по излегувањето со негативен ПЦР тест од државен карантин, информираа од Владата.

„Главниот координативен кризен штаб достави барање до Државниот санитарен и здравствен инспекторат во врска со престанокот на важноста на издадените решенија за домашна изолација за лицата кои се вратиле во Република Северна Македонија со негативен ПЦР тест на КОВИД-19. Денеска (25.06.2020 година), Државниот санитарен и здравствен инспекторат, согласно член 136 став 1 алинеја 4 од Законот за општата управна постапка (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 124/15 и 65/18) донесе Одлука со која го запира извршувањето на сите негови решенија донесени во периодот од 13.06.2020 година до 25.06.2020 година за ставање на лица под здравствен надзор и домашна изолација кои влегле во Република Северна Македонија со негативен ПЦР тест на КОВИД-19 и потпишана изјава, како и решенијата издадени за лица кои се ослободуваат од државен карантин со негативен ПЦР тест на КОВИД-19, по нивното враќање во Република Северна Македонија, од земја со висок/среден ризик за КОВИД-19, а спроведените дејствија по истите решенија се поништуваат“, се вели во соопштението.

Прочитајте и:  ДСЗИ ќе иницира постапка за стучен надзор над лекувањето на починатото петгодишно дете

Одлуката, согласно Закон, информира Владата, ќе биде објавена во „Слободен печат“ во текот на два последователни дена почнувајќи од 26.06.2020 година, а потоа и еднократно во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

- Реклама -