УХМР со најава за поројни дождови и апел за внимателно движење во одредени региони

„Доколку процесите бидат интензивни и доколку на одредени места локално за кратко време наврнат поголеми количини на дожд, можно е да дојде до забрзано истекување вода по падините, малите реки и суводолиците, а на одредени локации можно е да се јават локални проблеми“, велат од УХМР

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најавуваат дека попладнево и во текот на ноќта на повеќе места ќе има нестабилно време со пороен дожд и грмежи. Локално се очекува да има невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер кој на некои места ќе биде со брзина од над 70 километри на час и појава на град.

По ваквите најави, од УХМР предупредуваат дека во текот на вечерните и ноќните часови ќе има потреба од внимателност во повеќе региони, како и внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците и места каде што има опасност од одрони и свлечишта.

Од Секторот за хидрологија при Управата за хидометеоролошки работи на внимателност повикуваат во Скопскиот, Кумановскиот, Паланечкиот, Кратовскиот, Пробиштипскиот, Каменичкиот и Кочанскиот Регион. Исто така, на внимателност се повикува и во Светиниколскиот, Штипскиот, Струмичкиот и Велешкиот Регион, како и во реоните на Групчин, Соње, Сопиште.

Од УХМР велат дека се можни отстапувања од најавените региони и реони.

„Соодветно најавата на синоптичарите дека во текот на ноќта на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи и дека локално ќе има невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и град, во Секторот хидрологија ги анализиравме резултатите од достапните модели и дојдовме до заклучок дека доколку процесите бидат интензивни и доколку на одредени места локално за кратко време наврнат поголеми количини на дожд можно е да дојде до забрзано истекување на вода по падините, малите реки и суводолиците, а на одредени локации можно е да се јават локални проблеми“,

се вели во соопштението од УХМР.

Според најавите на синоптичарите, во следните два дена ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со локален пороен дожд и грмежи. За утре се најавува дека вдолж Повардарието ќе дува засилен северен ветер, а од петок времето ќе биде стабилно и топло. 

- Реклама -