Од прибавените снимки од упадот во Собранието на 27 април, јасно се гледа дека Јане Ченто со црвен чадор го удира Зијадин Села, а потоа со клоца во стомак го удира тогаш пратеникот Зоран Заев, образложи пред читањето на пресудите за „крвавиот четврток“ судијката Добрила Кацарска.
Судијката образложи дека ова е само дел од случувањата во Собранието, а целосен осврт за однесувањето на обвинетите Судот најави во писмената пресуда.
Јане Ченто е еден од 16-те осудени кои беа прогласени за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а изречена му е пресуда од 15 години затвор.
По изрекувањето на пресудата, Јане Ченто се обрати до судот:
„Не се плашам од затвор. Вие нè осудивте, ама историјата ќе нè ослободи. Еден ден ќе огрее сонцето на слободата. Да живее Република Македонија!“, извика тој, по што истото го повторија и останатите обвинети во знак на поддршка.
Ченто не побара да се брани од слобода, со образложение дека и онака очекува во таков случај повторно да му биде напишана „некаква службена белешка“ со која повторно ќе биде вратен во притвор.