Скопје, 14 август 2021 (МИА) – Откако грчката фирма „Актор“ заврши со изведбата на делницата Демир Капија – Смоквица и изградбата на тунелите, зад себе остави најразличен неразградлив отпад – платна за изолација, арматура, водоводни цевки, пластика, што до ден денес не е отстранет. Покрај тоа што ја грди совршената природа во тој дел, отпадот има штетно влијание и врз животната средина. Општина Демир Капија има слух за проблемот, но за жал, нема доволен буџет од кој може да се одвојат средства за чистење.
Градежниот отпад се наоѓа во кањонот на Иберлиска Река, во должина од околу 400 метри по течението, на потег од стариот автопат до завршетокот на новите тунели.
Отпадот предизвика намалување на рибниот фонд и загадување на Иберлиска Река. Ова следствено придонесува и на загадување на реката Вардар како и на животната средина. Отпадот е видлив за сите уживатели на кањонот, ја нагрдува околината и природните пејзажи што не соодветствува на визијата на Општината Демир Капија и Вардарскиот плански регион да привлече туристи и претставува пречка во промоцијата на туризмот, спортот и рекреацијата на овој локалитет.
Во студијата за случајот за загадувањето во кањонот на Демир Капија, изработена за потребите на Здружението Спортски клуб „Клисура“ – Демир Капија, во рамки на иницијативата „Размислуваме зелено, делуваме одговорно“, како дел од проектот: „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина“, кој го реализира Институтот за комуникациски студии во партнерство со Македонско еколошко друштво, со финансиска поддршка на Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), се истакнува дека гарантниот рок за отстранување на отпадот, како и за пријавување на проблеми и забелешки од страна на Општината е завршен пред повеќе од една година, а во тој период не се превземени никакви мерки од засегнатите страни во проектот.
– При изведбата и по завршувањето на делницата на автопатот се констатирани големи пропусти, како кај изведувачот на работите, така и кај надлежните служби и институции. Вардарскиот плански регион и Општина Демир Капија потфрлиле во спроведувањето на мерките наведени во програмите и стратегиите за регионот. Мерките за ублажување на влијанијата врз животната средина наведени во Акциониот план на нетехничкото резиме не се спроведени во целост. Покрај пропуштениот временски рок за реакција, постојат и други поголеми пропусти. За жал, дел од тие пропусти се направени од институциите кои ги поставиле и ги спроведуваат законите, се посочува во студијата.
Во документот се наведува дека штетата е веќе направена и треба да се изнајде соодветно решение за проблемот.
– Патот сега е во сопственост на Министерство за транспорт и врски, меѓутоа одговорноста за чистење на отпадот инспекторите за животна средина ја префрлаат кај Општина Демир Капија и нивните комунални инспектори. Решението треба да се најде во координација со сите засегнати страни: Министерство за животна средина и просторно планирање, Државен инспекторат за животна средина, Општина Демир Капија, Министерство за култура, Министерство за транспорт и врски, Агенција за државни патишта, спортски здруженија и клубови, еколошки и граѓански здруженија и други, се истакнува во студијата.
Дополнително, во студијата се потенцира дека во споредба со другите општини, Демир Капија е една од понеразвиените општини во државата, со многу помал капацитет и помалку средства за справување со сите тековни проблеми врзани со животната средина. Се заклучува дека грижата на граѓаните и свеста за чиста животна средина треба да биде на многу повисоко ниво за тие да можат да се приклучат во овие процеси.
– Еколошката катастрофа од отпадот која настана во Демиркаписката Клисура за жал е недоволна опомена за државата и последиците кои може да имаат и трајно влијание, а претставуваат значаен ограничувачки фактор во развојот на регионот. Ваквите практики на несовесно однесување кон природата во нашата земја стануваат се почести поради несоодветната и ненавремената реакција на институциите и граѓаните. Затоа, неопходно е преземање на одговорности од страна на релевантните институции за почитување и спроведување на постојните закони со што би се елиминирале сите идни еколошки катастрофи. Тоа е процес кој бара доследна и упорна општествена и професионална ангажираност на сите засегнати страни, како на институциите, така и на граѓанското општество, се наведува во студијата.
Имено, Здружение Спортски клуб „Клисура“, со цел актуелизирање на проблемот, го спроведе проектот „Размислуваме зелено, делуваме одговорно“, во чии рамки е изготвено видео во кое е изнесено се она со кое се соочуваат на терен.
Координаторката на проектот Стефанија Соколовиќ за МИА изјави дека веќе неколку години се сведоци на сиот отпад, а во одредени ситуации се изложени и на ризик бидејќи има закопана арматура која штрчи од земјата.
– Срам ни е да го рекламираме кањонот во качувачката заедница поради грдата слика. Токму и затоа сакаме да помогнеме да се врати неговиот изглед. Од моментот кога ја покренавме иницијативата се соочуваме со префрлање на топката помеѓу институциите. Некако сите сме навикнати на „ќути си и трај си” за да не создадеш непријател. Тука воопшто не се работи за тоа. На сите институции им пречи отпадот и сакаат да се расчисти и се надеваме иницијативата ќе придонесе за поголема свест вакви грешки да не се прават во државата, а конкретно за нашиот проблем се надеваме дека институциите ќе седнат на маса со конкретен план кој оваа есен ќе резултира во санирање на состојбата, потенцираше Соколовиќ.
Таа информираше дека Спортскиот клуб „Клисура“ се обратил до Општина Демир Капија за решавање на овој проблем и отстранување на отпадот од кањонот.
– Бевме известени дека Општината има испратено барање до изведувачот „Актор“ за отстранување на отпадот, но нема добиено повратен одговор. Како следен чекор Општината испратила барање до Државниот инспекторат за животна средина да постапи според законите за да се спречи понатамошното загадување и катастрофа од фрлениот отпад. По извршениот инспекциски надзор, од ДИЖС е добиен записник во кој се констатира дека нема видливо изумирање на рибниот фонд или уништување и помор на речните видови од истекување на хемикалии. Констатиран е градежен шут кој произлегол од градежните активности на „Актор“ при изградбата на тунелите и дека надлежноста за отстранување на отпадот се префрла на Општина Демир Капија и нејзините комунални инспектори. Сепак, Инспекторатот не бара никаква одговорност од сторителот и заклучува дека постапката треба да ја продолжи Општината, појасни координаторката на проектот.
Таа потенцираше дека за жал, Демир Капија е мала општина со мал буџет и не е во можност сама да го реши овој проблем и бара сојузници и помош.
– Бидејќи проблемот е наследен, целата иницијатива, да стигне приказната до јавноста е токму да побараме помош од сите кои ја делат одговорноста, вклучително и фирмата изведувач и институциите на национално ниво, рече Соколовиќ.
Таа нагласи дека Општината е свесна дека богатството на Демир Капија е загрозено и дава максимална поддршка да се реши проблемот и институцијата и лично градоначалникот.
– Општината се изјасни дека може да помогне со човечка сила и делумно со своја механизација, но нејзините капацитети се ограничени и потребна е дополнителна поддршка, наведе Соколовиќ.
Околу тоа со што се соочуваат на терен, координаторката на проектот во изјавата за МИА истакна дека споменатиот отпад предизвикал загрозување на рибниот фонд и загадување на Иберлиска Река.
– Ова следствено придонесува и на загадувањето на реката Вардар како и на животната средина. Отпадот е видлив за сите уживатели на кањонот, ја нагрдува околината и природните пејзажи што не соодветствува на визијата на Општината и Вардарскиот плански регион да привлече туристи и претставува пречка во промоцијата на туризмот, спортот и рекреацијата на овој локалитет. За надградбата на автопатот е направена Студија за проценка на влијанието врз животната средина, меѓутоа мерките за ублажување на влијанијата врз животната средина наведени во Акциониот план на нетехничкото резиме не се спроведени во целост, посочи Соколовиќ.
Демиркаписката клисура е најзначајната вардарска клисура и воедно претставува една од најинтересните природни реткости на Балканот. Нејзината должина е 19,5 километри, а своето име го добила по градот Демир Капија. Се простира од утоката на реката Бошава во Вардар, до селото Удово на југоисток. Оградена е со планините Конечка и Градешка на исток, како и Марјанската Планина и разграноците на Кожуф на запад. Страните на клисурата се издигаат над Вардар до висина од 500 до 600 метри, наместа многу стрмни со пад од 85 степени, додека највисоките врвови се близу 1.000 метри надморска височина. Во овој регион се откриени над 10 пештери и јами. Најпознатата е Бела Вода, со вкупна должина на пештерските канали од речиси 1.000 метри, а во неа постои и пештерско езеро.
Демир Капија ја претставува природната граница помеѓу континенталната и медитеранската клима. Во овој регион владее модифицирана медитеранска (субмедитеранска) клима која е и причината за постоењето на специфичната флора и фауна. Демиркаписката клисура е еден од најбогатите орнитолошки резервати во Европа по застапеност на ретки грабливи птици. Тука се сретнуваат белоглавиот мршојадец (Gyps fulvus), египетскиот мршојадец (Neophron percnopterus), златниот орел (Aquila chrysaetos), орелот змијар (Circaetus gallicus), лисестиот глувчар (Buteo rufinus), разни соколи (Falco peregrinus, Falco naumanni) и други ретки птици. Овој локалитет е значен и од растителен апспект односно тука може да се сретнат многу ретки и ендемични видови растенија, како Colladonia macedonica, Lilium heldreichii, Lilium martagon, Kitaibelia vitifolia и слично.
Во рамките на Демиркаписката клисура се наоѓа и кањонот на левата притока на Вардар, Иберлиска (Челевечка) Река. Кањонот има должина од 750 метри и се наоѓа во непосредна близина на реката Вардар. Од покарактеристичните примероци на флората треба да се споменат дабот прнар (Quercus coccifera) и белиот габер (Carpinetum orientalis), додека по течението на Иберлиската Река помеѓу селата Иберлија и Челевец се среќаваат платанови (чинарови) шуми (Platanus orientalis L.). Во пределот помеѓу двата тунела на кањонот егзистираат ендемични полжави од фамилиите Vitrinidae, Clausillidae, Helicidae, како и медитеранскиот вид Lyndholmiola corcyrensis. Кањонот е исто така заштитена област (специјален резерват) поради шумата од чинар покрај Иберлиската Река со Решение на Националниот институт за заштита на спомениците на културата.
Освен за биодиверзитетот, кањонот е од особена важност и за редовните посетители кои поради специфичната топла клима го користат за спорт и рекреација во текот на речиси целата година. Областа изобилува со места заштитени од ветер и силно сонце, што во последните неколку години значително го зголеми интересот не само на локалните жители, туку и на оние кои живеат на пооддалечени места. Ова се должи и на поволната географската локација и лесната и брза пристапност со автопатот Скопје-Гевгелија.
Со изградбата на автопатот се олесни пристапноста, но се наштети на природата. Засегнатите апелираат институциите што поскоро да го решат овој проблем и во иднина да се спречи настанување на слични.
Симона Митровска
Видео: Спортски клуб „Клисура“ Демир Капија