Уапсени 750 лица на протестите во Венецуела

Во нередите кои избија во понеделникот, по изборните резултати од претседателските избори, повредени се 50-ина припадници на војската и полицијата – тврдат властите

Нереди во Венецуела / Фото: ЕПА

Продолжуваат нередите во Венецуела по изборните резултати на претседателските избори. Јавниот обвинител на Венецуела, Тарек Вилијам Сааб денеска соопшти дека 749 лица биле приведени за време на протестите, предупредувајќи дека бројката може да се зголем во наредните неколку часови.

Сааб ги нарече криминалци приведените. Повеќето од нив ќе бидат обвинети за „отпор кон власта“ како и за „тероризам“.

Во меѓувреме загина еден војник, а 23 други се повредени за време на протестите. Според министерот за одбрана Владимир Падрино Лопез досeга биле повредени и 25 припадници на полицијата. Војникот бил убиен од прострелна рана во вратот.

Насилните протести започнаа во понеделникот, кога Николас Мадуро беше прогласен за победник, освојувајќи нов шестгодишен мандат.

Чиле, Перу, Костарика, Уругвај, Гватемала и Аргентина изјавија дека нема да ги признаат резултатите од изборите, додека лидерите на Куба, Хондурас и Боливија ја поздравија победата на актуелниот претседател Николас Мадуро.

- Реклама -