Уапсени 11 лица за несреќата во Нови Сад – меѓу нив е и министерот за градежништво во оставка Горан Весиќ

Весиќ беше првиот кој поднесе оставка по несреќата, на 5 ноември. Тогаш тој изјави дека оставката ја поднесува од морални причини, но оти не прифаќа вина за несреќата. Оставки вчера поднесоа и министерот за внатрешна и надворешна трговија, Томислав Момировиќ, и и в.д. директорката на Јавното претпријатие „Железничка инфраструктура“, Јелена Танасковиќ

По соопштението на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, Весиќ во објава на социјалните мрежи вели дека не бил уапсен, туку доброволно се одзвал на повикот на полицијата

Вкупно 11 лица утрово се уапсени во врска со трагедијата во Нови Сад, кога при пад на натстрешницата на железничката станица животите ги загубија 15 луѓе, а двајца беа тешко повредени, соопшти Вишото јавно обвинителство во Нови Сад.

Од прес-конференцијата на Горан Весиќ на 5 ноември / Фото: Принтскрин

Меѓу единаесеттемина уапсени, како што дознава српскиот национален сервис РТС, се и министерот за транспорт во оставка Горан Весиќ, неговата помошничка задолжена за железнички и интермодален транспорт, Анита Димоски, в.д. директорката на јавното претпријатие Јелена Танасковиќ, која вчера си поднесе оставка од функцијата, како и нејзиниот претходник во претпријатието, Небојша Шурлан.

Вишото јавно обвининителство во Нови Сад ги објави иницијалите на уапсените, кои одговараат на имињата на тројцата функционери, односно ексфункционер.

Според соопштението, четворицата се сомничат за тешко кривично дело против општата сигурност, поврзано со кривичното дело предизвикување општа опасност. Останатите шестемина со иницијали С.Н., М.Ј., Љ.М.М., М.С., Д.Ј., М.Г. и Д.Т. Обвинителството во Нови Сад ги сомничи за тешко кривично дело против општата сигурност во врска со кривичното дело непрописно и неправилно извршување градежни работи.

„По повод трагичниот настан што се случи на 01.11.2024 г. година, во Нови Сад, кога се урна настрешницата на зградата на Железничката станица во Нови Сад, во која животот го загубија петнаесет лица, а животот на две лица е во опасност поради здобиените повреди, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад ја информира јавноста дека по прибирање и детална анализа на сета потребна документација, извршени разговори со големи број граѓани, а по извршеното вештачење за утврдување на причината и околностите под кои дошло до нејзиниот пад, кое е доставено до обвинителството на 20.11.2024 година и запознавање со наодите и мислењето на стручни лица од градежната струка, по налог на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, на 21.11.2024 година уапсени и задржани се 11 лица“,

се наведува во соопштението на Обвинителството.

По објавата на соопштението од Обвинителство, Весиќ во објава на социјалните мрежи вели дека не бил уапсен, туку доброволно се одзвал на повикот на полицијата.

„Дојдовме во Нови Сад и им се ставив на располагање на истражните органи за целосно да се истражат сите околности кои довеле до несреќата во Нови Сад“,

напиша Весиќ на својот Фејсбук профил.

Тој додава дека како и досега ќе им стои на располагање на надлежните органи.

„Ќе докажам дека не сносам кривична одговорност за овие трагични настани. Адвокатската канцеларија што ме застапува во овој случај ќе комуницира со јавноста и медиумите за понатамошниот развој на настанот“,

вели Весиќ.

Инаку, како што објавуваат српските медиуми, во Вишото јавно обвинителство во Нови Сад претходно биле сослушани 66 лица, а наредено е да се сослушаат уште пет луѓе.

Железничката станица во Нови Сад, каде што по пад на натстрешницата на 1 ноември загинаа 15 лица / Фото: EPA-EFE/MARKO KAROVICEPA-EFE/MARKO KAROVIC

Министерот за градежништво, Горан Весиќ беше првиот кој поднесе оставка по несреќата, на 5 ноември. Тогаш тој изјави дека оставката ја поднесува од морални причини, но оти не прифаќа вина за несреќата.

Оставки од функциите, вчера поднесоа министерот за внатрешна и надворешна трговија, Томислав Момировиќ и и в.д. директорката на Јавното претпријатие „Железничка инфраструктура“, Јелена Танасковиќ. Момировиќ беше на чело на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија во времето на реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад.

При падот на настрешницата на железничката станица загинаа 14 лица, додека тројца беа тешко  повредени.

Дваесет и четиригодишната Ања Радоњиќ, која почина во Клиничкиот центар во Војводина е петнаесеттата жртва во несреќата во Нови Сад.

Доктор Драган Николиќ, управител на Ургентниот центар КЦВ, во средата изјави дека лекарите постигнале напредок во лекувањето на двете тешко повредени лица, кои беа извлечени од урнатините на Железничката станица во Нови Сад, пренесува РТС.

- Реклама -